Линкови за пристапност

Почна судењето за Диво насеље

  • Борјан Јовановски

Процесот се води против 29-мината обвинети за тероризам и терористичко организирање во Кривичниот суд во Скопје

Обвинетите, според Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, се товарат за случувањата во кумановската Диво насеље на 9-ти мај минатата година, кога беа убиени 8-мина припадници на полициските единици, а 37-ца беа повредени. Во акцијата беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

Обвинителството соопшти дека располага со доказен материјал според кој 29-мината се виновни за тероризам и терористичко организирање.

Обвинителството има намера да докаже дека на 21-ви април 2015-та, група вооружени и маскирани лица ја нападнале полициската станица во Гошинце и совладале четворица полицајци кои извршувале службени должности. „Полицијаците биле врзани од страна на вооружени лица во црни униформи со назнаки на УЧК. Напаѓачите насилно ја отворале и ја проверувале караулата во Гошинце за да го најдат оружјето. По овој настан, припадниците на Единицата за специјални задачи, на 9-ти мај 2015 година, во кумановското Диво насеље требало да извршат претрес во неколку објекти во врска со случајот во Гошинце. Целта на претресот била да се пронајдат лица инволвирани во овој инцидент. Кога припадниците на ЕСЗ се добилижиле кон објектот, лицата од криминално-терористичката група фрлиле рачна бомба. Нападот продолжил и траел 42 часа. Притоа, загинаа 8 припадници на МВР", рече пред судот обвинителот кој го води овој случај.

„Според обвинителниот акт на 2-ри мај 2015-та, делувајќи според однапред изготвениот и договорен план, преку 35-мина припадници на терористичката група влегле на македонска територија, а тука биле прифатени од 10-мина македонски државјани кои одржувале блиски врски со лицата дојдени од Косово. Со три возила групата била префрлена во Куманово, а потоа припадниците на групата биле сместени во неколку станбени објекти во населбата Диво насеље“, се вели во диспозитивот на обвинението.

„Пресметката со полицијата, како што тврди Јавното обвинителство, започнала на 9-ти мај во 4 часот и 30 минути, односно по обидот на полицијата да изврши претрес во стан на улица „Перо Илиевски“, во Куманово“, пишува Утрински весник повикувајќи се на обвинителниот акт.

По презентацијата на наводите на обвинителството, дел од обвинетите признаа дека се одговорни, но не и дека биле учесници во терористички напад. Други пак во целост ги отфрлија обвиненијата негирајќи дека биле присутни на настаните на 9-ти мај во Куманово.

Одбраната на обвинетите побара случајот да биде преземен од Специјалното јавно обвинителство, но ова нивно барање беше отфрлено од судијата бидејќи, како што рече, Специјалното јавно обвинителство не побарало да го преземе овој предмет.

Судскиот процес се одвиваше под засилени безбедносни мерки во и околу зградата на судот. На рочиштето присуствуваа членови на семејствата на обвинетите, претставници на меѓународни организации, како и претставници на невладини организации заинтересирани за овој случај кој предизвика бурни и контроверзни реакции во јавноста.

На следното рочиште се очекува обвинителството да ги презентира доказите со кои располага за обвиненијата покрената против 29-те лица од Косово и Македонија за тероризам и организирање на терористички активности.

XS
SM
MD
LG