Линкови за пристапност

Остри реакции на меѓународни асоцијации по осудата на македонскиот новинар

  • Синиша Станковиќ

Ова е вистински срам за државата, изјавил претседателот на Европската федерација на новинари

Остри реакции на меѓународните новинарски асоцијации и на македонските здруженија и невладини опрганизации, како и најава за нови протести на македонските новинари поради затворската казна од две години за новинарот Томислав Кежаровски, која за контроверзниот случај „Ликвидација“ му ја определи Апелацииониот суд во Скопје. Откако Јавната седница на Апелацискиот суд беше одржана во ноември минатата година, вчера конечно беше обелоденета и пресудата, која предизвика изненадување и бројни реакции.

Европската федерација на новинари - ЕФЈ, изрази длабока загриженост и со своите членки во Македонија, Здружението на новинарите на Македонија - ЗНМ и Синдикатот на новинари и на медиумски работници - ССНМ побара моментално ослободување на новинарот.

Претседателот на ЕФЈ, Могенс Бличер Бјерегард, истакнувајќи дека Кежаровски само си ја вршел работата, изјави дека новинарот никогаш не требало ни да биде затворен поради наведените обвиненија.

„Ова е вистински срам за државата. Одлуката испраќа порака за цензура на сите други новинар во земјата. Секаде во Европа новинарите може да истражуваат за проблемите од јавен интерес ослободени од заканата за затвор. Овој случај ќе го презентираме кај меѓувладините организации што се занимаваат со слободата на медиумите“, изјавил претседателот на ЕФЈ.

И за „Репортерите без граници“ се работи за „апсурдна одлука“. Извршниот директор на оваа организација од Берлин, Кристијан Мир, за БИРН изјави дека најостро ја осудуваат затворската казна против Кежаровски. „Кежаровски направи една единствена грешка, а тоа е што ја критикуваше власта. Ние, и покрај оваа судска одлука, остануваме на ставот дека нема ништо лошо во тоа... Кежаровски не треба да отслужи ниту еден ден во затвор. Неговиот единствен престап беше укажувањето на недостатоците на македонската власт и судство преку новинарска истрага.“

Според претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, „ оваа одлука е апсурдна бидејќи прогласувањето на загрозен сведокот се случува една година откако Кежаровски ги објавил неговите приказни. Ако тука има вина, тогаш таа е на обвинителството и полицијата“. „Казната затвор за Кежаровски треба да ги застрашува сите македонски новинари и да ги одвраќа од намерата да истражуваат за злоупотребите на јавните институции. Ако власта имаше таква намера тогаш не ја постигнаа целта. Ние сме сите Кежаровски.“

И Македонската асоцијација на новинари – МАН смета дека секоја казна за вршење на новинарска работа е излишна, па и оваа за колегата Кежаровски. МАН очекува „да се поднесе жалба по оваа одлука, а Врховниот суд во најкус можен рок, уште следната недела, да закаже седница на која ќе донесе ослободителна пресуда и ќе го ослободи новинарот Кежаровски од секаква одговорност. Со оваа одлука судството ќе покаже дека новинар не може и не смее да одговара за професионално извршување на својата работа“.

Според лидерката на Самостојниот синдикат на новинари – ССНМ, Тамара Чаусидис, Кежаровски врз себе ја преземал „тешката задача да го брани интегритетот на македонското новинарство и затоа казната за него е казна за сите нас“.

Невладината организација „Цивил – Центар за слобода“ и „Н-ост“ ја осудија затворската казна, со која новинарот и покрај дваесетмечниот престој во притвор и во домашен притвор, сега ќе мора да дослужи уште четири месеци затвор.

Претседателот на Цивил – Центар за слобода, Џабир Дерала, смета дека ваков судски процес „кој им носи страдање во животите на луѓето, ги крши човековите слободи и основните принципи на демократијата е невиден во Европа многу долго време. Ова судење и пресудата против новинарот Томислав Кежаровски се фларгантен доказ за крајно политизирано судство“

И Центарот за разој на медиуми и НВО Инфоцентарот побараа Врховниот суд во најкус можен рок да донесе одлука со која се ослободува Кежаровски. „Само со ослободителна пресуда, правдата ќе биде задоволена и ќе биде ублажена ненадоместливата штетата која им е нанесена како на Кежаровски, така и на слободата на изразување и слободата на медиумите во државава“. Според овие две оргфанизации, станува збор за скандалозна судска одлука „која има политичка заднина, и која има за цел да ја заплаши и замолчи целокупната критичка јавност во државата. Се работи за цинична одлука според народната поговорка „и волкот сит и овците на број“, која на власта ѝ овозможува да тврди дека во Македонија нема новинари во затвор и дека барањето за пуштање на Кежаровски на слобода било испочитувано“.

Реагираше и опозицискиот СДСМ, според кој, „партизираното судство, преку одлуката на Апелацискиот суд Скопје за случајот Кежаровски, направи уште една повреда на човекови права и уште еден сериозен удар врз уставно загарантираното право на слобода на изразување. Изрекувањето вакви пресуди, против новинар, посебно во услови на контроверзни докази и сведоци, нанесуваат сериозени последици врз слободата на изразување и дополнително ја влошуваат сликата за Република Македонија, којашто токму поради ова, се најде во повеќе светски извештаи, за време на владеењето на Никола Груевски“

Слободата на медиумите забележува драматичен пад во Македонија. Според пласманот во Индексот на слободата на медиумите во светот на „Репортерите без граници“, државата од 34 место во 2009 паднаа на 123-то место минатата година.

XS
SM
MD
LG