Линкови за пристапност

Новинарите во Македонија очекуваат притисок за време на изборите


Новинарите во Македонија очекуваат притисок за време на изборите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Како да се зачува новинарскиот интегритет во време кога се засилува политичката кампања, беше тема на собир што деновиве се одржа во Охрид.

Новинарите во Македонија во пресрет на парламентарните избори во декември ќе бидат под голем притисок на политичките партии да информираат во нивна корист, сметаат дел од учесниците на обуката за истражувачко новинарство за време на изборниот процес, што неодамна се одржа во Охрид.

Предизвиците ќе бидат големи, вели Тамара Чаусидис, уредничка во Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН). Таа смета дека и во време на етикетирање на „непријателски“ медиуми, може да се продуцира квалитетна истражувачка сторија.

„Притисокот, доколку го има ќе биде насочен кон независните и медиумите со интегритет, коишто не припаѓаат на ниту една страна од политичкиот спектар, бидејќи овие другите ги сметаат за окупирани и свои и нема да има потреба. Но и таму има притисок и ќе има притисок за да останат на курсот. Предизвикот на новинарот и медиумскиот работник кој сака да биде со интегритет и со квалитет е дополнително зголемен“, рече Чаусидис.

Обуката на која учествуваа 13 новинари од повеќе медиуми од Македонија, беше во организација на Центарот за граѓански комуникации од Скопје и БИРН, како дел од проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“. Предавачи беа претставници и од граѓански организации.

Златко Димитриоски од „Мост“, која долги години ги следи изборните процеси во Македонија, на прашањето дали очекуваат притисоци врз новинарите, изјави:

„Досега бевме сведоци на такви случаи и во претходните изборни циклуси. Ние никогаш не кажуваме и не прејудицираме каков процес би очекувале, туку секогаш прво ги согледуваме евентуалните неправилности или позитивни работи, а потоа ја информираме јавноста “, рече тој.

Новинарките Билјана Николовска и Искра Опетческа се подготвени за предизвици за време на нивното информирање.

„Овојпат ќе имаме уште поголеми притисоци. Ако сме ги имале досега и тие ќе бидат двојни, со оглед на состојбата во земјава. На сите политичките партии ќе им биде многу важно да дојдат до власта“, изјави Николовска, новинарка во ТВ Телма.

„Оваа кампања предвидувам дека ќе биде уште „повалкана“ за разлика од другите, но работа на новинарот е да го задржи својот интегритет и да не попушти пред тие притисоци“, рече Опетческа, новинарка во ТВ21.

Инаку мониторингот на медиумите спроведен годинава покажа мошне мала примена на истражувачкото новинарство во Македонија од само 0,4 отсто.

XS
SM
MD
LG