Линкови за пристапност

Новинарски протест

  • Синиша Станковиќ

Лустрација според закон или пресметка на власта со непослушните новинари?

„Потврдата дека никогаш не постоел никаков телефонски повик или пак некакви списоци дека ние не сме никаков исклучок од професионалното работење на Комисијата за лустрација, не знам дали да предизвикува понатаму наше смеење или пак, нова загриженост дека списокот е некаде пред вратата, но полека ќе се одвиваат - едно по едно - досиејата, така како што некој предвидел, во некакво тефтерче, како да бидат лустрирани новинарите“, изјави новинарката Оливера Трајковска, којашто со уште тројца колеги денес беше примена во Комисијата за верификација на фактите.

Претседателот на Комисијата за верификација на фактите Томе Аџиев прими делегација на новинарите коишто со транспаренти од типот „Фрустрациска комисија“, „Комисија за верификација на нарачките“ и „Новинарството во ендек“ протестираа пред објектот во којшто се наоѓа Комисијата (инаку објект на националниот сервис – МТВ) но откако наводно не ги прифатил нивните аргументи за спецификите на новинарската професија, ги убедувал претставниците на Новинарскиот пленум дека лустрирањето на уредничката на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова, е во согласност со законските норми.

Изјава за сребата даде Трајковска, според којашто Аџиев потврдил дека одлуката за Костова е донесена со надгласување, но со став дека е „нормално тоа што за некои фактите се факти, а за некои други не се“. Трајковска оцени дека се работи за нов удар врз Фокус, но и за обид да се дискредитира емисијата на МТВ - „Без наслов, но со повод“, во којашто, на врвот од популарноста во деведесеттите години од минатиот век, работеше и Костова.

Костова, главната уредничка на Фокус, претходно изјави за медиумите: „Зарем не е веќе кристално јасно колку „Фокус“ е систематски третиран од Фамилијата на власт! Не ги задоволи смртта на Никола Младенов и згаснувањето на дневниот весник Фокус. Продолжија да не` гонат пред нивните судови и судии. И тоа не им ги насити ниските страсти, веројатно затоа што ја преживеавме казната…и еве ја смислија лустрацискава комедија... Нивните пораки имаат и симболика - одлуката за лустрирање да биде со датумот на смртта на Младенов, 26 март“.

ТВ Алфа објави дека Комисијата за верификација на фактите утврдила дека лице кое било вработено на Македонската телевизија било соработник со тајните служби и ја објави изјавата на Аџиев: „Лицето кое го лустриравме во четвртокот соработувало со Службата за државна безбедност, давало информации за одредени лица со кои било во контакт. Исто така, соработувало со СДБ еден подолг период, овозможувало контакти со лица под изговор дека ќе се прават интервјуа за МТВ со лица надвор од државата. Заедно со тогашниот директор на СДБ, таа му овозможувала да дојде во контакт...“

Според Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија (ССНМ), лустрацијата на актуелни и проминентни новинари коишто јавноста ги доживува како носители на критичката мисла и интегритетот на професијата, не е ништо друго освен „уште еден неуспешен обид за дискриминирање и етикетирање на сите кои што не влегуваат во дефиницијата на `новинарството` по вкусот на владејачката гарнитура“, како и продолжение на практиката - „лустрацијата да се ползува како инструмент за политичка пресметка со сите оние со кои некој смета дека треба да се пресмета“.

Предлагачот на законот, претседателот на првото повеќепартиско Собрание во независна Македонија, Стојан Андов, коемнтираше дека „од секој закон може да се направи чудовиште“.

„Не се каам што своевремено предложив закон за лустрација, бидејќи тој требаше да има една цел: да им забрани да вршат јавни функции на лица кои соработувале со тајните служби. Тој закон требаше да се однесува на тогашните функционери и на оние кои ќе се кандидираа на следните избори и ќе беа именувани по тие избори. Законот требаше да има важност од пет години - од 2008 до 2013 година. Но, јас не знаев дека некој имал други цели со законот“, изјави Андов.

Според Благоја Гешовски, поранешен член на Комисијата за лустрација, „процесот на лустрација одамна ја изгуби смислата и целосно ја промаши својата цел“. Тој во медиумите излезе со став дека „лустрацијата се претвори во инструмент на власта за пресметка и јавно жигосување на нејзините неистомисленици“.

Реагираше и Либерално-демократската партија којашто се спротивстави на лустрацијата на критичките новинари во државата.

„Лустрираните новинари треба да бидат горди на решенијата добиени од оваа партиска комисија, затоа што тоа претставува вистински доказ за нивната посветеност на критичката мисла и интегритетот на новинарската професија. Наместо кодоши и непријатели на државата, режимот со ваквото однесување само ја потврдува улогата на овие новинари во општеството како борци за слободата и демократијата. Кристално е јасно дека по објавените криминални афери, за Никола Груевски и неговата елита, тие со лустрацијата на новинарите само се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста од своите валканици“, стои во соопштението на ЛДП.

XS
SM
MD
LG