Линкови за пристапност

Кежаровски: Обвинението - апсурдно


По притвор од над два месеца, новинарот ја даде својата одбрана во случајот „Ликвидација“.

По два и пол месечен притвор, новинарот Томислав Кежаровски ја даде својата одбрана во Основниот суд Скопје 1, како четвртообвинет во контроверзниот случај „Ликвидација“.

Тој не ги прифати наводите од обвинението, тврдејќи дека е обвинет за јавно искажан збор и за професионално вршење на професијата. „Никогаш никому не сум напакостил и никому не сум направил зло“, изјави новинарот на „Нова Македонија“. Обвинението го смета за апсурдно и за последица на „правната изаопаченост“, но смета и дека според она што можел да го прочита во медиумите, „таквото проѕирно сценарио не поминува кај јавноста“.

„Работев како новинар, а сега сум третиран како ноторен криминалец, небаре сум државен непријател број 1“, му се обрати Кежаровски на Судскиот совет, задржувајќи се и на спектакуларното апсење кое, според него, го загрозило и онака малиот простор за медиумски слободи, а оставило длабоки последици врз него и неговото семејство.

„Мерката притвор ќе ја окарактеризирам како крвничка. Секој ден доаѓаат луѓе во Шутка (притвор, н.з.) и ги пуштаат дома, а јас сум таму три месеци. Сега, по четири дена, пуштија дома обвинет за убиство, оти имал болки во увото...“, рече Кежаровски. Но, судијката Дијана Груевска-Илиевска не му дозволи да продолжи да зборува за апсењето и притворот.

Во своја одбрана, Кежаровски тврдеше дека само сакал да го „зачисти сметот во криминалните децениски трговски односи во полицијата и судството“ и дека затоа обвинението против него е „сигнал за сите кои ќе се дрзнат да ја преиспитуваат работата на државните органи“.

Кежаровски е обвинет дека во два текста објавени пред пет години го открил идентитетот на заштитениот сведок „Бреза“, во случајот за убиството од 2005-та година во велешкотото село Ореше. Но, тој опстојува со тврдењето од истрагата, дека не обелоденил ничиј идентитет, дека само ја пренел информацијата за лажен сведок до јавноста и дека се обидел да проговори за „матните работи во полицијата“.

„Само ја напишав вистината и тенденциозноста на некој од МВР за тој случај“. Но, Судскиот совет не му дозволи на обвинетиот новинар да одговори на прашањето на еден од адвокатите - дали пред приведувањето му биле давани непристојни предлози и дали некој и кој му се заканувал?

„Средбите во станица и во обвинителството не беа пријатни. Ми се нудеше маслиново гранче, а по мене удрија како гром! Акцијата за приведувања добиток беше насловена „Милка“, имаше полициски акции „Фаланга“, „Монструм“, „Змиско око“, сите имаат во името некаква симболика. Зошто МВР ја крсти оваа акција „Ликвидација“?, праша новинарот.

Пред почетокот на судењето, дел од адвокатите имаа приговори за непостоење на едно од кривичните дела што им се припишуваат на нивните клиенти, по измените на Кривичниот закон направени од октомври 2011-та година, како и за ненадлежност на судот заради неможноста обвинетите за разни дела да се подведат под организиран криминал. Сите барања на бранителите беа одбиени.

Еден од бранителите, Александар Тортевски, потоа изјави дека не им се ни дадени сите докази на увид: „Не ни се дадени ниту наредбите за посебни истражни мерки, односно следење на комуникациите за да видиме дали се спроведени законски, а, еве, ќе ви кажам пример - најголем дел од спроведените мерки се снимки без аудио-запис! Значи, само снимка кога двајца луѓе разговараат да се достави до судот како доказ, без да има аудио-запис за да се види содржината на разговорот, дали е нешто противзаконски или не, тоа е апсурд!“.

Судењето, за кое владеее голем интерес, зашто покрај Кежаровски се обвинети уште седум лица, двајца судии, јавен обвинител и адвокат, и тоа за сериозни кривични дела како примање поткуп, злоупотреба на службената положба и на овластувањата, неовластено одавање информации и податоци за сведоците, противзаконско посредување и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали, денес го следеа претставници од дипломатските претставништва, од Хелсиншкиот комитет, ОБСЕ и новинарските здруженија.
XS
SM
MD
LG