Линкови за пристапност

Притворот злоупотребуван во 80 проценти од случаите


Притворот злоупотребуван во 80 проценти од случаите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Здружението „Зелена лупа“ вели дека лицата наместо да останат во притвор два или три месеци, во некои случаи биле заборавани и по една година или повеќе

Голем дел од граѓаните на Македонија се чувствуваат жртви на правосудниот систем, смета Здружението „Зелена лупа“, кое заедно со Комитетот за заштита на правата ја спроведуваат акцијата „Ајде да спасиме судбини“.

Оттаму велат дека ова е начин да го актуелизираат прашањето за неоснованите притвори во државата.

„Ако ги погледнеме бројките, просекот на лица во притвор до 2006-та година е околу 150. Истата година почна процес при кој можеше да се забележи колку луѓе завршија во притвор, и тоа од различни целни групи. Бројот на притворени лица за 2012-2013 година во еден момент беше околу 700“, вели Ване Цветанов, претседател на „Зелена лупа“.

Здружението формирало стручен експертски совет, при што било утврдено дека во 80 проценти од случаите, притворот бил злоупотребуван.

„Она што ни привлече внимание беше една целна група на луѓе, заборавена во притворите. Постапката завршила, како и потребите за притвор, но, лицата наместо да останат два или три месеци, во некои случаи биле заборавани и по една година или повеќе. Имавме случаи кога лица беа во притвор и по три години во нехумани услови“, вели Цветанов.

Во рамки на македонското Здружение на млади правници постоеле неколку случаи за кои испратиле апликации до судот во Стразбур, меѓу нив и такви за долготрајно присуство во притвор.

„Една од апликациите се однесува на долгото траење на притворот, каде на лице девет месеци му се продолжува притворот, и после тоа истото лице се осудува на десет месеци казна. Индикативно, тоа укажува дека притворот всушност бил казна за човекот“, вели Гоце Коцевски од македонско Здружение на млади правници.

На прашање на Гласот на Америка, Министерството за правда изјави дека не е надлежно да одговори на оваа тема.

Јавното обвинтелство на Македонија вели дека изрекувањето мерка притвор служи за обезбедување на присуство на осомниченото лице, регулирано со Законот за кривична постапка, и оти должината зависи од околностите за секој поединечен случај.

Мерката притвор во 2015-та година била применета против 370 лица, што во однос на 2014-та година, кога изнесувала 504, е намалување за 25,2 проценти.

Годишните извештаи на 16 јавни обвинителства покажуваат дека во најголем број случаи мерката притвор траела до 30 дена, а во помал број до 60, 90 или преку 90 дена.

Јавно обвинителство изјави дека времетраењето на притворот, согласно одредбите на Законот за кривична постапка, е врзано со висината на казната за одделни кривични дела.

XS
SM
MD
LG