Линкови за пристапност

ЕУ е гарант за безбедноста на земјите од Балканот

  • Сашо Митан

Меѓународна научна конференција во Охрид за евро-атлантската интеграција.

Република Македонија, но и останатите земји од регионот кои не се членки на ЕУ, Унијата ја гледаат како гарант на безбедноста, кажа професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во Скопје на отворањето на охридската Меѓународна научна конференција на тема „Балканот меѓу минатото и иднината: безбедност, решавање на конфликти и евро-атлантската интеграција“.

„Хрватска наскоро ќе стане полноправна членка, Република Македонија, Србија и Црна Гора се пред вратите, која колку ќе остане ќе видиме што значат европските интеграции од аспект на безбедноста. Постои еден сигурен гарант внатре во механизмите на Унијата од различни внатрешни кофликти или закани однадвор и затоа е добро што побргу да ги завршуваме сите потребни чекори од европските интеграции. Независно дали ќе бидеме примени наскоро или тоа ќе се случи по неколку години, мораме механизмите што тие ги користат да ги применуваме и имплементираме овде. Иако нема да бидеме полноправна членка, ќе имаме доволен гарант за стабилноста и безбедноста“, смета Дујовски.

Собирот во Охрид фрла светло на прашањата поврзани со безбедноста и евро-атлантската интеграција на балканскиот регион на поинаков начин од дневно-политичкиот, преку презентација на научни трудови и дискусија.

Според Маријана Мусладин, универзитетска професорка од Дубровник, Република Хрватска е пример за безбедносната сигурност за останатите земји од регионот на Југоисточна Европа кои се` уште не се влезени во Европската унија.

„Во ЕУ влегуваме на 1-ви јули 2013-та година и мислам дека дефинитивно ќе го заокружиме нашиот сигурносен концепт кој е составен дел од сигурносната архитектура на Европа. Сметам дека добро делуваме спрема државите во регионот, сметам дека сме многу добар пример и може да бидеме ѕвезда-водилка за остатокот на ЈИЕ и на потенцијалните кандидати за ЕУ“, изјави Мусладин.

Младен Бајагиќ, професор на Криминалистичко-полициската академија од Белград, оцени дека Балканот, - иако споро - сепак се приближува кон Унијата.

„ЕУ е место во кое државите би избегнале поголема криза од онаа што се случуваше пред 15-20 години, а сметам дека со тоа може да се амортизираат сите кризни ситуации, не само внатрешни проблеми, туку и кризни ситуации кои може да ги предизвикаат глобалните проблеми како што се тероризмот и органзиираниот криминал. Македонија и Србија се наоѓаат пред вратите на ЕУ и јас искрено се надевам дека многу брзо ќе добијат датум, ќе отпочнат преговорите и барем половина од стапките за полноправно членство во ЕУ“, рече Бајагиќ.

На тридневната конференција во Охрид учествуваат над 140 просветни и научни работници од САД, Романија, Италија, Кина, Полска, Албанија, Шведска, Холандија, Црна Гора, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, како и претставници на Република Српска.
XS
SM
MD
LG