Линкови за пристапност

Честитки за Денот на независноста од Гласот на Америка


Прва асоцијација за Македонија за многумина се Перо Антиќ и народните танци

Планини, ора и спорт. Ова е првата слика за Македонија, на која многумина помислуваат кога некој ќе ја спомне Македонија. Има и такви што ќе речат дека никогаш не слушнале за неа.

Сепак, независноста на Македонија, деновиве беше тема на разговор во преку 40 редакции, дел од Гласот на Америка.

Новинари, уредници, фотографи, камермани зборуваа за Македонија од поинаков агол, преку вестите што секој ден ги гледаат и слушаат, во текот на нивната работа.

Многумина веќе знаат и по некој збор на македонски, но сите имаат различна асоцијација - каква држава е Македонија и каде се наоѓа.

Еве ги реакциите на колегите:

„Првата асоцијација за Македонија ми е што всушност таа е првата странска земја што сум ја посетила. Го сакам Охрид и ја сакам земјата. Прекарасна е“, вели Кеида Костреци од Албанска редакција.

Роман Манонов, од Руска редакција рече:

„Никогаш не сум бил во вашата земја, но сум слушнал многу убави работи за неа. Се надевам дека еден ден ќе ве посетам“.

И Валери Кавалески од Белорусија со иста мисла за Македонија.

„Имате многу убава и богата историја, ви посакувам успех и просперитет од Белоурусија“, вели тој.

Алексеј Пименов, пак додава:

„Им честитам на македонските пријатели за овој прекрасен празник. Ја сакам македонската култура, песни, конкретно народните песни. За жал не можам да зборувам македонски, но ја чувствувам убавината на овој јазик“.

Браца Ѓорѓевиќ од Српската редакција кога ќе помисли на Македонија мисли на спорт.

„Го честитам Денот на независноста, а кога ќе помислам на Македонија мислам на Перо Антиќ“.

Дамир Бебиќ од Хрватска, во име на сите Хрвати во Гласот на Америка го честита празникот.

Лакшна Мехта од Индија никогаш не била во Македонија, но слушала многу за неа.

„Сигурна сум дека е убаво“, вели таа.

Амиш Сривастава вели: „На луѓето во Македонија, многу честитки за Денот на независноста“.

Дилџе Тимоцин од Турција гледа на Македонија како на соседна држава.

„Турција и Македонија се речиси соседи. Ја делиме истата култура, имаме исти цели во светот и се надевам Македонија ќе има многу среќни денови пред неа“.

Јан Дилан од Курдски Сервис посака:

„Им го честитам на Македонија и на луѓето кои живеат таму Денот на независност. Им поскувам мир со нивните соседи, и се надевам еден ден ќе ја исполнат целат да станат развиена европска држава“.

Мадиа Мадид од Индонезија вели:

„Кога ќе помислам на Македонија мислам на прекрасни луѓе и на ора. Слушнав дека се многу убави. Мислам дека морам да одам таму еден ден, не сум била досега но слушам дека е прекрасно“, рече Мадид.

XS
SM
MD
LG