Линкови за пристапност

Изгласан контроверзниот закон за високо образование

  • Синиша Станковиќ

Незадоволните професори и студенти со крст пред Собранието го „погребаа“ образованието

Пратениците од владејачките партии во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ги изгласаа измените во законот за високо образование со 67 гласови „за“, девет „против“ и ниту еден воздржан, и покрај противењето на илјадниците студенти кои на двапати демонстрираа на улиците на македонските градови, на стотиците професори од македонските универзитети и на голем дел од јавноста. Со гласовите на пратениците од ДУИ, власта успеа да го обезбеди и Бадентеровото мнозинство, откако 20 пратеници од заедниците гласаа „за“, а петмина беа против. Поради отсуството на опозицијата од македонскиот блок, против оспоруваното во јавноста законско решение, се изјаснија пратениците од опозиционата ДПА, како и трите независни пратенички и пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ. Пратениците денес изгласаа уште шест закони од пакетот за реформи на образованието.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми најави дека државниот испит ќе стартува како пилот-проект во учебната 2016/2017 година, дека ќе се полага двапати во текот на студирањето и дека само доколку студентот го положи по втората година на студиите, ќе може да се запише во трета година. Иако беше поинаку најавено, законското решение ги опфаќа и актуелните студенти, доколку продолжат со постдипломски студии.

По денешните симболични протести на Студентскиот пленум, на коишто студентите најавија дека ќе ги користат сите расположливи мерки и дека ќе делуваат вонинституционално - ќе „бојкотираат, блокираат и окупираат“ (Универзитетот), вечерва по донесувањето на контроверзниот закон, во организација на Професорскиот пленум, пред Собранието повторно се собрале суденти и професори, за со свеќи и со поставување на крст симболично да го погребаат високото македонско реформирано образование. Учесниците на мирниот протест потенцирале дека „чувствуваат граѓанска одговорност да ја заштитат слободната мисла“.

Од аспект на процедурата, сега на потег е претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, којшто моментално е во посета на Катар, а кому неколку стотици професори од Професорскиот пленум му упатија отворено писмо во коешто бараат како нивни колега и претседател да стави вето на законот.

„Знаеме дека и покрај евентуалното вето, Собранието со апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници може да ве „принуди“ да го ставите потписот покрај оној на претседателот на Собранието. Но, сакаме да веруваме дека во двоглавата извршна власт, Вие ќе настапите самостојно, независно, како некој кој е избран на директни избори, каконекој чиј легитимитет извира од нас, граѓаните, а не од парламентарното мнозинство... Ве потсетуваме на Вашата одговорност за заштита од кршење на Уставот и законите во вршењето на Вашите права и должности. Ве потсетуваме на Вашиот повик за дијалог, кој не го слушнаа ни министрите, ни пратениците од власта, со ретки исклучоци. Ве потсетуваме на фрлените устави од студентите, како знак за флагрантно кршење на македонскиот Устав, како највисок закон, но и општествен договор во Русоова смисла!“, се вели во писмото на професорите.

Членовите на Професорскиот пленум му порачаа на Иванов дека се „цврсто уверени дека со овие законски измени се кршат Уставот и човековите права, како и европските и меѓународните документи кои ја гарантираат универзитетската автономија и принципите на квалитетното образование“ и дека веруваат оти тој како претседател ќе „постапи државнички, согласно вашиот уставен статус и уставни надлежности, водени од сопственото уверување, со почитување на една од најголемите европски вредности: владеењето на правото!“.

Претходно, по средбите со делегациите на Студентскиот и на Професорскиот пленум, но и на провладиниот контра-пленум, чии членови се нарекуваат „Граѓанска иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“, претседателот Иванов најави дека каков и да биде чекорот што ќе го преземе, ќе настапел како државник, а не како професор. Тој изрази и загриженост за поделбите во академската заедница и повика на единство и дијалог.

По повод актуелните општествени превирања, со соопштеие се огласи и Македонскиот ПЕН центар, порачувајќи дека „се спротивставува на игнорирањето на аргументите на доминантен дел од академската јавност (универзитети, професори и студенти) во постапката на донесување на измените во Законот за високо образование и инсистира на изнаоѓање процедури за отворен дијалог и решенија кои нема да ја загрозуваат автономијата на Универзитетот и ќе овозможат непречен развој на хуманистичката и научната мисла“.

Македонскиот ПЕН Центар апелираше „за дијалог со македонската интелигенција и писателите со цел да се надмине кризата на слободната критичка мисла во Македонија“.

XS
SM
MD
LG