Линкови за пристапност

Средношколски бојкот


Народниот правобранител бара „надлежното министерство сериозно да им посвети внимание на забелешките и ставовите на средношколската младина“

Средношколците од четири скопски гимназии од вчера ја бојкотираат наставата. Ова, како што велат, e кулминација на револтот поради игнорантниот однос на Министерството за образование и наука кон нивните барања – математиката да не биде задолжителен предмет за полагање државна матура ниту во природноматематичките гимназии, и укинување на екстерното тестирање.

„До започнување со ваква форма на изразување на незадоволството дојде по таканаречената последна опомена која им ја дадовме на надлежните институции, и недобивањето одговор и повратна информација од страна на истите, и покрај нашите неуспешни макотрпни обиди и трудови нашиот глас да биде слушнат, и да стапиме во контакт со институциите, за кои сметаме дека си поиграа со нас и ја изневерија нашата доверба“, порачаа од Средношколскиот пленум.

Вратите на гимназиите „Јосип Броз Тито“, „Кочо Рацин“ и „Орце Николов“ и денеска се целосно затворени, додека во „Никола Карев“ редовната настава е заменета со алтернативни активности и дебати. Од денеска им се придружија и врсниците од економското училиште „Васил Антевски Дрен“ и ГУЦ „Здравко Цветковски“, како и економското училиште во Тетово „8-ми Септември“ и Велешката гимназија.

Од Средношколскиот пленум тврдат дека изминатите денови се наоѓаат под невиден притисок од власта да се откажат од ваквиот начин на протест. Во некои училишта, велат Пленумците, родителите биле повикани на средби со класните раководители, и им било кажано дека доколку не ги предомислат децата да се вратат на настава, ќе мора да платат парична казна од 2.000 евра.

Понеделникот, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми изјави дека “во зависност од агендата ќе може да усогласиме термин за средба, но тоа нема да зависи од тоа дали ќе бојкотираат или не. Ги повикувам да се вратат во училишните клупи и да продолжат со наставата, а средба секако ќе има“.

„Мене ми е жал што во тие училишта се бојкотира наставата затоа што сметам дека учениците треба да го исполнат фондот на часови утврден со законот, а доколку имаат барање за средба, барање за разгледување на аспекти во образованието, тоа право, секако, го имаат и ние ќе се сретнеме. Но ги повикувам, да не користат вакви начини зашто не е добро ни за нив, ни за општеството, ни за државата. Тие треба да учат и да бидат во училишните клупи“, кажа министерот.

За ситуацијата денес се огласи и народниот правобранител.

„Во ниту еден случај не смее да се заборави дека учениците се директно засегнати од реформите во воспитно-образованиот процес, кој влијае на нивниот развој и изградба на нивната личност. Од друга страна, воведувањето на реформи во образованието и начините на нивна реализација без консултирање, комуникација и дијалог со младите вклучени во образовниот процес, придонесува истите да се чувствуваат непотребни и неважни, иако овие промени се однесуваат на самите ученици и тие ги чувствуваат последиците од тоа“. Ова е дел од писмото на Народниот правобранител Иџет Мемети до министерот за образование во врска со протестите на средношколците и нивните барања, реагирајќи на претставка од учениците и нивните родители.

Мемети посочува дека „надлежното министерство сериозно да им посвети внимание на забелешките и ставовите на средношколската младина, да ги почитува како субјекти, и во разговор со нив да ги слушне нивните размислувања по однос на реформите во образованието, затоа што само по пат на комуникација и дијалог со сите, и со младината може да се очекуваат конструктивни и издржани промени, со кои ќе се постигне квалитетно образование, и притоа да се почитува принципот за она што е во најдобар интерес на детето, правото на слободно мислење и слободно изразување за сите прашања кои се однесуваат на детето, правото на учество/партиципација и практикување на дијалог, со што нема да се остави простор за каква било манипулација на децата и младите, како и посветување на потребното внимание за нивните ставови, согласно законите и меѓународните документи ратификувани од страна на Република Македонија“.

XS
SM
MD
LG