Линкови за пристапност

„За матемацките работи“


Протест на средношколци во Скопје, најави за слични во други градови

„Стоп за лошите реформи“,„Имам став, немам страв“, „Болна реформа = болна држава“, „За матемацките работи“, порачаа преку транспаренти голем број на средношколци на протестот со којшто побараа укинување на полагањето математика како дополнителен предмет и враќање на стариот концепт за полагање државна матура, односно да се отфрли електронското тестирање коешто според нив е нефункционално.

Дел од учесниците, меѓу коишто, освен средношколци, имаше и нивни родители, професори и студенти, го искористија 1-ви април, Денот на шегата, па на маршот се појавија со маски и свирчиња.

„Цело време не` држат уплашени, не држат со лаги, ни велат дека ќе ни го земат домот, лебот и ќе ни ја скршат вилицата. И се` додека се плашиме, се` додека молчиме, тие ќе газат врз нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот. Ние ќе ја издвојуваме нашата слобода, ќе го надминеме стравот, а слобода е кога ќе се видат средношколците на улица“, рече Марјан Наумов од Средношколскиот пленум.

Протестниот марш се движеше по редовната релација Собрание- Влада, до Министерството за образование и наука. Пред Владата, учесниците симболично покажаа жолти картони, како што велат, како предупредување за власта за лошите реформи.

Порачувајќи дека „не сакаат да ги третираат како експериментални заморчиња“, преку „носење повеќе закони и измени отколку што имаат страници нашите учебници“, некои од средношколците коишто говореа потсетија и на негативната кампања и партиските етикетирања коишто изминатиов период се спроведуваа во повеќе градови низ земјава, и се оградија од сите политички партии.

„Го мразиме мирисот на партиските книшки , затоа тргнете ги вашите кампањи. Не сакаме да се мешате со нас, ние сме чесни искрени и вистинити. Пазите шупаите, нас не можете да не купите за баџалак. Ова е марш за вистината која ќе не направи идна работна сила на оваа држава. Да му ставиме крај на мислењето дека сме универзални незналици, ние сме тие кои треба да успеат, за да успее јадната земја“, посочи во својот говор еден средношколец.

Средношколскиот пленум денеска се огради од вчерашниот договор што го постигнале Унијата на средношколци и Министерството за образование, според којшто предметот математика нема да биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за средношколците на математичкиот смер.

„Нашите барања се враќање на стариот концепт на полагање на државна матура. Законот за екстерното тестирање да биде ставен во мирување и електронското полагање на државна матура да се укине. Бевме сведоци вчера на една средба на една неактивна организација - Средношколската унија, која што си договори барања какви што она сака. Ние не се согласуваме со тие барања и нашите барања не се задоволени во целост.Четири дена по ред беше ѕвонето во ова министерство, не бевме повикани, никој не креваше слушалка“, вели средношколецот Александар Милески.

Поддршка да не го прифаќа овој договор, Средношколскиот пленум доби денеска и од Наставничкиот пленум.

„Одлуката којашто денеска е донесена е противуставна. Оваа одлука е дискриминирачка за учениците од природно-математичкото и јазично-уметничкото подрачје во однос на учениците од општествено-хуманистичкото подрачје. Со оваа одлука практично на учениците од природно-математичката и јазично-уметничката насока им е оневозможен изборот (едните имаат математика, другите странски јазик како втор задолжителен предмет), додека за учениците од општествено-хуманистичкото подрачје вториот предмет на матура е изборен. Според Наставнички пленум е недозволиво ученици од исто училиште (гимназија) да полагаат матура под различни услови“, се вели во писмото од Наставничкиот пленум, каде воедно се потсетува дека „Средношколска унија не е активна од 2013-та година“, и „како наеднаш за два дена откако се појави, издејствува средба со Раководството на МОН?“.

На протестот се приклучија и средношколци од Куманово, а според најавите, тој деновиве ќе продолжи и во други градови. За денес е најавен протестен марш во Тетово.

XS
SM
MD
LG