Линкови за пристапност

Тројца мигранти загинаа, илјада влегоа во Македонија


Успеале да ја минат грчко–македонската граница и да влезат во гевгелиското село Моин

Дел од мигрантите кои со денови беа заглавени во кампот во Идомени на грчката страна, каде се уште во крајно мизерни услови чекаат околу 14.000 бегалци и мигранти, утрово го напуштиле кампот и следени со новинари и фоторепортери, тргнале кон планината Кожуф, долж границата, за по секоја цена да најдат премин и начин за влез во Македонија. Од минатиот понеделник, Македонија ја затвори границата и занемарлив е бројот на бегалци на кои им е дозволен влез.

Иако условите во грчкиот камп се на работ на хуманитарна катастрофа, шаторите се поплавени од неколкудневните дождови, недостасуваат и храна и медицински материјали, до денешното раздвижување на мигрантите дошло, сепак, по обелоденувањето на веста за трагичната смрт на тројца мигранти од Авганистан, кои нелегално ја минале грчко-македонската граница, но го загубиле животот во надојдените води на Сува Река. Во спасувањето на групата на мигранти од надојдените води, учествувала и Противпожарната единица во Гевгелија, четворица се префрлени во гевгелиската болница, а 19 мигранти се одведени во транзитниот центар во Гевгелија. Неофицијално, во Сува Река се удавиле две сестри и сопругот на едната од нив, на возраст меѓу 20 и 30 години, од Авганистан.

Мигрантите кои го напуштиле Идомени, по неколкучасовно одење, нашле место каде немало ограда и преминале на македонска територија, но во селото Моин ги пречекале единици на македонската војска и полиција. Нема официјални информации дали македонските власти ќе ги префрлат мигрантите во транзитниот центар во Гевгелија или ќе ги депортираат во Грција.

Според податоците од Грција, на нејзина територија се над 44.000 бегалци, од кои 23.000 илјади се во северна Грција, а на островите се околу 10 илјади бегалци. Според УНЦХР, состојбата во Идомени е „врв на човечката беда“. Медиумите јавуваат за екстремна нехигиена, за крајно нехумани услови, поради кои, десетици деца се хоспитализирани. Но, грчката Влада го повтори тврдењето дека за една недела кризата во Идомени ќе се надмине со префрлување на бегалците во други прифатни центри.

Од друга страна, Македонија се соочува со проблеми и на македонско-српската граница, каде во вечерните часови, дел од заглавените 1.500 бегалци се обидуваат да го напуштат кампот во Табановце и илегално да влезат во Србија. Оние кои остануваат заглавени во калта и во мокрите шатори, се надеваат дека ЕУ на 17 март, сепак, ќе донесе позитивна одлука за нив и за Балканската рута.

Во справувањето со кризата, Македонија очекуваше помош од Запад, но последното интервју на претседателот Ѓорге Иванов за германскиот таблоид „Билд“, во кој тој ги обвини Германија, ЕУ и меѓународната заедница дека не и помагаат доволно на Македонија и дека не и исплатиле ниту едно евро помош за бегалската криза, стигнаа остри реакции од Германија и од ЕУ. Европската комисија денеска соопшти дека на Македонија, како земја која не е членка на ЕУ, ѝ се доделени 50 милиони евра помош од Унијата за справување со бегалската криза. „Овие средства се наменети за реновирање на полициските станици на границите, борба против трговијата со луѓе и зајакнување на капацитетите на полицијата за гранично управување“, од Европската комисија.

„Особено од почетокот на бегалската криза, во летото 2015 година, 16 милиони евра, од кои 10 милиони евра во февруари, се распределени за да ѝ се помогне на ПЈР Македонија да ги подобри своите системи за гранично и миграциско управување во контекст на бегалската криза. Ова вклучува систематски гранични проверки и граничен надзор, идентификација и регистрација на државјани на трети земји што ја преминуваат границата на регуларен и нерегуларен начин и борба и спречување на шверц на мигранти, трговија со луѓе и прекуграничент криминал, со целосно почитување на владеењето на правото и основните права“, соопштуваат од ЕК.

Комисијата тврди и дека финансирањето се одвива преку клучни хуманитарни партнерски организации и агенции на Обединетите нации - УНИЦЕФ и УНХЦ, а дека мандатот на Регионалниот фонд на ЕУ, како одговор на кризата во Сирија е проширен за да може да работи и во Западен Балкан.

Од друга страна, паралелно со усложнувањето на ситуацијата на теренот, официјална Виена побара веднаш да бидат затворени сите правци за бегалци и мигранти, вклучително и оние кои поминуваат низ Бугарија и Италија, останувајќи на ставот дека нема да прифати повеќе од 37.500 луѓе оваа година и дека „Австрија е должна да задржи цврста позиција по ова прашање“.

XS
SM
MD
LG