Линкови за пристапност

САД согласни со ОН дека постои потреба за заживување на преговорите за името

  • Ведран Андоновски

Цврсто го поддржуваме активниот ангажман – директно меѓу Скопје и Атина, рече помошник-државниот секретар Мајк Хамер.

„Нашиот долготраен став е дека ги поздравуваме напорите на ОН и коментарот на секретарот Бан Ки-мун, кој ги повика Македонија и Грција да бараат решение на спорот околу името. Се согласуваме со генералниот секретар дека постои потреба за заживување на ангажманот и напорите“, изјави помошник-државниот секретар за јавни прашања Мајк Хамер, на новинарско прашање за подготвеноста што ја искажа генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун за време на посетата на Македонија - лично да се ангажира за да го забрза наоѓањето на решение во спорот.

„САД продолжуваат да ги поддржуваат тековните напори на Метју Нимиц и ОН да се реши овој спор на краток рок. Цврсто го поддржуваме активниот ангажман - директно меѓу Атина и Скопје се надеваме дека брзо може да биде постигнато решение“, рече Хамер.

На брифинг во Стејт департментот, пак, на прашање дали заживувањето на преговорите за спорот со името е на дневен ред на посетата на помошник-државниот секретар за Европа и евроазиски прашања Филип Гордон, кој е на турнеја по Грција и Турција, портпаролката Викотрија Нуланд изјави: „Тој расправа за цела редица билатерални и регионални прашања, вклучувајќи го и економските прашања во Грција, како што тој секогаш чини. Прашањето може да дојде на дневен ред. Ќе ве известам ако имаме нешто да соопштиме по неговите консултации“.

Според писмената најава на Стејт департментот за турнејата на Гордон, тој во Атина ќе ја подвлече американската поддршка за грчките финансиски реформи и ќе разговара за надворешно-политички прашања, а во Турција ќе дискутира за билатерални и глобални прашања.
XS
SM
MD
LG