Линкови за пристапност

Одлуката на претседателот Иванов на жестоки критики и осуда

  • Борјан Јовановски

Есперти сметаат дека тоа дополнително ќе ја влоши политичката состојба во земјата

Одлуката на претседателот Иванов да ги амнестира сите против кои Специјалното јавно обвинителство поведе истрага, како ретко кога во Македонија наиде на општ консензус и одлуката се смета како контрапродуктивна. Критички став кон одлуката на претседателот заземаа експертите од академската заедница, но и оние кои редовно ги застапуваат ставовите на власта и опозицијата.

Професорот Оливер Андоновски во изјавата за Гласот на Америка не го спори правото на претседателот да донесе ваква одлука, но смета дека таа во овој момент е контрапродуктивна.

„Претседателот ја промаши работатa. Јас ги разбирам неговите мотиви, но прекинувањето на ваква постапка не е јасно. Нам ни е потребна правна разрешница на целиот скандал со прислушувањето од која треба да произлезе и политичката одговорност. Без правна разрешница, не може да имаме ни политичка разврска на кризата“ ни рече професорот Андоновски коментирајќи ја одлуката на претседателот.

Аналитичарот Алберт Муслиу од своја страна смета дека ваквата одлука на претседателот може да ја одведе државата кон опасна нестабилност.

„Ако мотивите на претседателот беа да спречи нестабилност, тогаш неговата цел е сосема промашена, бидејќи токму оваа одлука ја става државата во ризик и ја води кон нестабилност“ вели Алберт Муслиу, додавајќи дека одлуката е неодржлива.

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев ни рече дека одлуката на Иванов е „удар врз правната држава“. Тој смета дека претседателот Ѓорге Иванов треба да објасни како ги добил податоците во предистражните постапки од кои абоирал лица со вчерашната одлука.

„Иванов вчера помилува луѓе за кои Специјалното јавно обвинителство не покрена кривична постапка, туку само предистражна постапка, која е тајна. Од Специјалното јавно обвинителство сигурно не ги добил. Има над педесет аболирани лица кои се наоѓаат на подрачје на повеќе судови. Тоа сигурно некако организирано му било дадено, а тој од друга страна вели дека со никој не се консултирал за вчерашната одлука. Како ги добил информациите? “ се прашува Калајџиев.

Критики за одлуката на претседателот Иванов денеска изнесоа и многу други екперти од областа на кривичното и уставно право.

Министерот за правда исто така ја оцени одлуката на Иванов како неприфатлива.

„Јас како министер за правда ценам дека се работи за несоодветна одлука која наместо да влијае во разрешувањето на кризата истата ја предлабочува уште повеќе. Лично сметам дека разрешување на кризата може да се случи само преку доследно спроведување на Прижинскиот договор“ вели министерот за правда Валдет Џафери.

XS
SM
MD
LG