Линкови за пристапност

Повици за ладнокрвност, но и меѓупартиски обвинувања

  • Синиша Станковиќ

Во Скопје денес е мирно, но фотографиите и снимките во медиумите и на социјалните мрежи ги вратија сеќавањата на 2001-ва.

„Нема ниту една прифатлива и разбирлива причина за предизвикување насилство, тепање недолжни луѓе, уништување јавен и државен имот. За нас насилството нема ниту етничка, ниту политичка, ниту верска боја. Секое насилство мора да биде осудено и ние го осудуваме. Веруваме дека институциите на системот имаат капацитет и легитимитет да ги заштитат недолжните граѓани од каква било форма на насилство и самоволие“, изјави денес членот на Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Tодоров.

Игор Ивановски од опозициониот СДСМ, пак, апелираше „сите политички партии да покажат зрелост и веднаш да престанат да ги злоупотребуваат меѓуетничките односи за дневнополитички цели“.

Уште вчера се огласи со соопштение Демократската унија за интеграција, која, изразувајќи жалење за инцидентите, ги повика граѓаните да ја зачуваат ладнокрвноста, но и директно ги обвини политичките противници од албанскиот блок - Демократската партија на Албанците дека „преку своите локални структури инструментализирале еден легитимен собир на граѓаните, кој имаше за цел да го изрази незадоволство за претходното дивеење на хулиганите низ скопските улици, и со тоа еден мирен протест го претвори во насилен за сопствени теснопартиски и изборни цели“.

ДУИ ја обвини ДПА и за загрозување на животот на граѓаните, за нарушување на имиџот на Албанците и за загрозување на перспективата на Македонија.

Мендух Тачи, претседателот на опозиционата ДПА, излезе со контраобвинување против ДУИ дека „игра валкани игри со македонските политички партии“.

„Овие настани никому не му одговараат. Тоа не е игра и тие што си играат со тоа не се зрели за тоа колку е комплициран политичкиот живот во Македонија“, изјави Тачи.

Граѓанското здружение за заштита на правата на Албанците, „Разбуди се“ во денешното сопштение истакна дека „искрените и чесни Албанци кои што сакаа да го искажат својот револт против случувањата од последните денови, се измамени и изманипулирани“.

„Авторите на злоупотребата на вчерашниот протест се познати, затоа што се повторува истото и веќе познато сценарио на злоупотреба на мирните протести на граѓаните, како што беше и во случајот “Монструм“ од месец мај минатата година. Албанците во Скопје не се дел од вашата експериментална лабораторија и полигон со цел да се добијат политички придобивки. Доста е!“, се наведува во соопштението на „Разбуди се“.

Слично како во албанскиот, меѓусебни обвинувања имаше и во македонскиот политички блок.

Иако ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење и ги осуди сите насилни однесувања, повикувајќи на разум и на запирање на насилствата, Никола Тодоров денес ги обвини коалициските партнери на СДСМ дека јавно подбуцнуваат и повикуваат на насилство и пресметки меѓу луѓето кои припаѓаат на различни етнички заедници.

„Таквите повици кулминираа токму во моментот кога требаше да се покрие срамот на Црвенковски и да се насочи вниманието на граѓаните на други теми, наспроти поразот и срамот кои ги претрпе, поради своите лаги во минатите три месеци“, рече Иванов.

Како своевиден одговор, Игор Ивановски денес порача дека „Груевски и ВМРО не можат да избегаат од сопствената одговорност за она што и` се случува на Република Македонија. Затоа, му порачуваме на ВМРО-ДПМНЕ да не се обидува на каков било начин со нас да ја подели одговорноста за нивните неодговорни политики, двојни аршини, коалициски пазари и кадровски комбинаторики“.


Според Ивановски, ваквите настани се обележје на ВМРО-ДПМНЕ.

„Партијата за чие дејствување и владеење во сите изминати години заштитен знак се меѓуетничките недоразбирања, судири и тензии, и денес се обиде одговорноста да ја наметне во опозицијата. Зарем некој во Македонија го заборави инцидентот на скопското Кале каде главни актери беа функционери на оваа владејачка коалиција?... Кој ги подигна меѓуетничките тензии со режираниот хаос во Собранието за законот за бранители? И, сосема логично, јавноста сè уште го чека одговорот по кои критериуми за премиерот, Фатмир Бесими беше помалку прифатлив од Талат Џафери за министер за одбрана“, изјави Ивановски.

И малата партија ДОМ повика на толеранција, разум и соработка, предупредувајќи на искуствата од 2001-ва.

„Деновиве сме сведоци на трагични настани. Ни се случува меѓунационална омраза и гнев, уништување на јавни добра. Треба да бидеме свесни дека и во 2001-ва година, па веројатно и во иднина, ќе се разликуваме во оценките на причините и последиците од конфликтот, но она што не спојува е сегашноста и иднината. Веруваме во моќта на дијалогот и ненасилството и бараме спојни точки со другиот, различниот. Сите сме сограѓани и треба да се почитуваме како луѓе, независно од разликите“, изјави претседателката Лилјана Поповска.

Лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, истакна дека ни последните настани нема да ги натераат да се повлечат од иницијативата за смена на министерот Џафери, сè додека не се соберат 150.000 потписи.

„Ги повикуваме од ДУИ самите да го повлечат Џафери, бидејќи токму тие со самото предлагање ги иницираа последните меѓуетнички тензии. Воедно, бараме од ДУИ да одржи со Достоинство работна средба, за да им објасниме зашто припадниците на УЧК не треба да ги предлагаат на вакви чувствителни функции“, изјави Ангелов.

Денес во Скопје е мирно, но резимето на вчерашните и завчерашните инциденти и дивеења е загрижувачко. Медиумите ги пренесоа податоците на МВР според кои, приведени се 27 лица, од кои најмладиот е малолетник на 14-годишна возраст. Сите ќе бидат обвинети за кривичното дело учество во толпа. Во двата инцидента се повредени граѓани, полицајци и пожарникари, а причинета е голема материјална штета. Вчера се повредени 13 граѓани, десетина полицајци и двајца пожарникари, оштетени се 8 приватни автомобили и 4 полициски возила, каменувани се два автобуса на ЈСП.

МВР апелираше граѓаните да не дозволат да бидат манипулирани за да се инволвираат и да предизвикуваат разни инциденти.

И додека дел од експертите во одделни медиуми предупредуваат дека ситуацијата е фрагилна и дека се можни нови инциденти, македонската јавност го бара одговорот на прашањето: кој стои зад протестите и кој е организатор на групите млади вандали, етнички Македонци или етнички Албанци, чие дивење испрати тажна и загрижувачка слика за Македонија во светот.

Пратеничката Силвана Бонева, која вчера во Собранието истакна дека повторно се потпалуваат меѓуетничките односи во Македонија, потенцираше: „Секогаш нешто се случува кога кога сме пред извештај на ЕУ или пред избори. Им порачувам на граѓаните да не се вплеткуваат во политички сценарија на нивна штета".
XS
SM
MD
LG