Линкови за пристапност

Скопје да не се претвори во Бејрут!


Вонредна седница на собранискиот Комитет за односи меѓу етничките заедници.

На денешната вонредна седница на собранискиот Комитет за односи меѓу етничките заедници, чија единствена тема беа меѓуетничките инциденти во Македонија последните денови, во бурна дискусија на пратениците беше побарано Министерството за внатрешни работи и останатите институции ефикасно да реагираат, да бидат пронајдени и судени сторителите, а сите повикани кои имаат авторитет во општеството, меѓу кои и родителите и воспитувачите на младата генерација во образовните установи, да се заложат за спречување на ескалацијата на непријателството и напнатоста.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска повторно апелираше да се смири напнатоста, затоа што инцидентите не се дел од едно општество во кое треба да xдоминираат разбирањето и почитувањето.

„Исклучително е важно сите да бидеме одговорни со изјавите, затоа што неодговорното однесување може да има и трагични последици“, рече Јанкуловска.

Претседателката на Комисијата, пратеничката Ермира Мехмети Деваја од ДУИ, потенцираше дека актуелниот миг не е „време за убави говори“ и за барање на оној кој прв почнал, туку за итна реакција на инцидентите кои се закануваат да го нарушат соживотот, како и дека институциите треба да одговорат дали се подготвени да им ја гарантираат безбедноста на граѓаните. Според неа, постојат сценаристи на случувањата, кои мора да бидат запрени.

“Време е политичарите да седнат и да решат што ќе се прави понатаму, затоа што граѓаните ги земале работите во свои раце и излегле на улиците да се пресметуваат“, рече Мехмети – Деваја.

Членовите на Комисијата од опозиционата ДПА сметаат дека вината и одговорноста за насилството е во политиката на владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ. Според пратеникот од ДПА, Зијадин Села, „...ништо повеќе не важи, ниту евроинтеграциите, ниту спомениците, ако на граѓанинот не му ја гарантираш безбедноста, животот“, а според Џевад Адеми, се разнишува довербата на граѓаните во институциите и во МВР и затоа по дебатата инситуциите мора да се справат со проблемот на насилството со целиот свој потенцијал, „затоа што во спротивно - Скопје ќе се претвори во Бејрут“.

За да не ескалира состојбата и да не излезе надвор од контрола, и членовите од СДСМ побараа експресно расветлување на инцидентите.

Покрај пратениците, насилствата денес ги осудија и министерот за труд и социјала Спиро Ристевски, кој истакна дека очекува наредните денови да дадат поголеми ефекти во сузбивањето на инцидентите. Тој верува во капацитетите на мултиетничноста во Република Македонија. Министерот за образование Панче Кралев го истакна ставот на Министерството - „училиштата мора да останат надвор од насилството и тоа го правиме континуирано со стручните служби, директорите и родителите“.

Според извештајот на МВР, годинава во Македонија се случиле 25 инциденти во кои учествувале млади лица, а биле повредени 38 лица, меѓу кои има припадници од сите етнички заедници. Од инцидентите, 10 вандалски напади се случиле во автобуси на скопскиот градски превоз, а 10 во или околу училишта. Досега биле повикани на информативен разговор триесетина лица, но истрагата е во фаза на препознавање на сторителите од страна на нападнатите и повредените лица. Од МВР соопштија и дека се зголемува бројот на полицајци во автобусите, а од ЈСП Скопје целат дека токму поради инцидентите во автобусите, минатата недела биле вработени 40 нови контролори.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски изјави дека има координација и со МВР, и со градоначалниците на општините за спречување на нови инциденти.

XS
SM
MD
LG