Линкови за пристапност

Стабилна или монолитна влада?


По предлогот да се врати мнозиснкиот изборен модел.

По предлогот во Македонија да се врати мнозинскиот изборен модел, последен пат користен на парламентарните избори во 1998-ма година, премиерот и претседател на најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски викендов предложи партијата - победник на изборите да добива дополнителни 17 пратеници, со што Парламентот би броел 140 народни избраници, максимум колку што дозволува Уставот.

Според него, тоа би значело стабилна влада.

„Мнозинскиот модел го имаат многу држави и успешно функционира, а ние го имаме во нашата земја и сега при изборот на градоначалници и на пратениците од дијаспората. Имавме искуство и во минатото и нашиот предлог е да се оди на мнозински систем затоа што до израз во голема мера доаѓа и личност која граѓаните ја избираат за пратеник. Значи, кој и да е победник, а еве СДСМ тврдат дека тие ќе бидат победници и нивно право е да го тврдат тоа, па ако навистина веруваат дека ќе бидат победници, ние им нудиме да изгласаме закон со кој победничката партија кога ќе завршат изборите добива плус 17 пратеници. Со тоа ќе се формира стабилна влада и нема изговор потоа зошто не се реализирале некои проекти“, вели Груевски.

Тој смета дека ова, исто така „ќе обезбеди да нема можност за уцени од некои помали партии, ќе имаат сериозно мнозинство, ќе имаат стабилност, државата ќе има стабилност и таа влада би можела да функционира целосно фокусирана на решавање на проблемите на граѓаните“.

Но, освен ВМРО-ДПМНЕ, засега ниту една партија не застана зад предлогот. Најголемата опозициска партија уште претходно се изјасни дека го претпочита моделот – Македонија како една изборна единица и пропорционален изборен модел.

„Нашиот став на гласање со една изборна единица е во функција на граѓаните, демократијата и државата. Големите политички партии ќе изгубат од тоа. Повеќе нема да се случи да има моќни фигури како што беше Груевски во Република Македонија, коишто на апсолутистички начин ќе воспостават режим и диктаторство во државата“, изјави денеска водачот на СДСМ Зоран Заев.

„Зарем треба оној којшто до пред една година и неколку месеци бараше 62 пратеници, сега тоа да го усоврши со 17 пратеници? Искрен претседател на политичка партија, искрени политичари, генерално, не смеат да се залагаат за системи коишто би биле бипартитен систем. Две големи партии да бидат постојано на власт и да се менуваат. Малите партии мора да добијат на значење. Само на тој начин ќе го демократизираме Парламентот и на тој начин ќе ги вратиме во нормала демократските институции“, додаде тој и притоа побара во земјата најпрвин да се спроведе попис.

Предлогот на Груевски досега е неприфалив ниту за помалите партии. Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, коалиционен партнер во Владата, смета дека таквиот модел е вовед во „авторитарен режим“.

„Ние сме за пропорционален изборен модел со една изборна единица. Идејата за воведување на мнозински изборен модел со „бонус“ од 17 пратеници е враќање на насилството на улиците и создавање на услови за воспоставување на целосен авторитарен режим. Демократскиот сојуз ги повикува политичките партии, граѓанските асоцијации, експертите, како и сите што се за демократија и владеење на правото, да ја поддржат идејата Македонија да биде една изборна единица“, вели Трајанов.

И за Лилјана Поповска, претседателка на ДОМ, предлогот за бонус - пратеници е неприфатлив и е само „преговарачки трик“ што го фаворизира бипартизмот.

„На Македонија не и требаат монолитни влади, кои лесно ја злоупотребуваат преголемата моќ на штета на слободата, човековите права и демократијата. Ниту пак и треба мнозински изборен модел, кој е најнеправичен, затоа што еден добива се`, а сите други губат. Тој најсилно го стимулира бипартизмот, па кандидат може да победи само со силна партија и многу пари. Треба да го либерализираме постоечкиот пропорционален модел, со тоа што ќе преминеме од шест на една изборна единица, со отворена листа“, вели Поповска.

Од ДУИ, засега само велат дека за ова решение би можело да се разговара дополнително, само доколку изборот на владата се спроведе со Бадiнтерово мнозинство.

XS
SM
MD
LG