Линкови за пристапност

Сите опции околу изборите се` уште во игра

  • Синиша Станковиќ

Роковите притискаат, договорот не се наѕира

На само неколку дена пред терминот во кој официјалните претставници на Европската унија и на САД треба да ја соопштат својата конечна оценка за можноста за одржување на предвремените парламентарни избори во април годинава, што е став на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на кој остро се спротивставува опозицијата, сите опции се се` уште во игра.

Иако неговиот кабинет официјално не потврдува, македонските медиуми денес шпекулираа дека еврокомесарот Јоханес Хан ќе допатува во Скопје до крајот на неделава, или дека средбата со лидерската четворка, потписниците на Договорот од Пржино, ќе ја организира како домаќин во Брисел? Иако медиумите ја цитираа портпаролката Маја Коцијанчич, дека ЕК е во постојан контакт со челниците на најголемите политички партии, се уште, нема официјална потврда за одржувањето на наводните, прелиминарни разговори околу можноста за одржување на предвремени избори во април.

Откако еврокомесарот Хан беше изложен на остри реакции во македонските медиуми, по повод изјавата дека е поважно изборите да се демократски, од тоа дали сите партии ќе учествуваат, тој во последниот јавен настап не беше дециден во одговорите, туку само посочи дека терминот за предвремените избори зависи како од ОБСЕ/ОДИХР, така и од македонската Државната изборна комисија и нивните оценки и проценки за подготвеноста на државните институции да спроведат чесни, фер и демократски избори.

Иако постои опција, и без посета на Хан на Македонија, амбасадорите на ЕУ, Аиво Орав и на САД, Џес Бејли, да излезат со соопштение за исполнувањето на условите за одржување на фер и демократски избори, се чини, дека работите тешко се поместуваат од мртва точка.

За попладнево беше закажан состанок на работната група за преговори за медиумската сфера, под покровителство на посредникот Питер Ванхауте, кој во изминатиот период одржа состаноци со претставниците на четирите партии, но рокот за постигнување согласност, пред се, на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, завршува неделава.

Паралелно со длабоката политичка криза на внатрешен план, Македонија секојдневно се соочува со проблемите поврзани со бегалската криза и со неминовноста од донесување на одлука со која ќе се избира меѓу двете засега понудени опции.

Претседателот Ѓорѓе Иванов, по вонредниот Самит на Вишеградската група држави во Прага, порача: „Од Македонија, земја-кандидат на ЕУ се очекува да го носи товарот што многу поголеми и економски помоќни држави-членки на Унијата не можат, не сакаат да го носат. Од Македонија, земја-кандидат, се очекува да се однесува поодговорно од земји-членки. Ние не бегаме од оваа обврска. Но, за да го носиме тој товар, бараме гаранции од Европската унија за политичка, безбедносна и економска поддршка. Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет во кој Грција ќе има удел, Немаме никаков интерес целиот товар да падне на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета“

XS
SM
MD
LG