Линкови за пристапност

Подобрувањето на бизнис-климата - предизвик во европската интеграција


Бизнисмени се жалат на дискриминација и бавна администрација. Владата пак, отфрла дека постојат фирми кои се фаворизирани од државата.

Амбиентот за развивање на стопанството е една од темите на политичкиот дијалог на високо ниво што македонската влада на 15-ти март го започна со Европската комисија. Целта на дијалогот на овој план е да се подобрат состојбите констатирани во Извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија (ЕК), објавен во октомври минатата година.

„Севкупното функционирање на самиот систем е подобрено, што би требало да има позитивно влијание врз бизнис-климата и инвестициите. Сепак, слабостите во владеењето на правото, особено во судството, што се карактеризира со бавни постапки, недоволни средства и несигурно спроведување на договори, како и распространетата корпуција, продолжуваат да имаат негативно влијание врз бизнис-опкружувањето“, наведува ЕК во Извештајот.

„Корупцијата сигурно дека ја има, штом е толку нагласена и се кажува за неа дека ја има, но таа треба да се побара на поинакво место. Треба да се побара во новосоздадените компании кои наеднаш работат со државата, кои добиваат тендери, и така натаму. Се кажува дека има притисок, стопанствениците тоа го кажуваат“, вели Горан Рафајловски, претседател на Стопанската комора на град Скопје, коментирајќи ги состојбите во бизнис- опкружувањето.

Министерот за економија Ваљон Сарачини вели дека тоа не е точно и дека не може да се каже дека постојат фирми кои се фаворизирани од државата.

„Бизнис-заедницата секаде во светот во државата гледа најсигурен деловен партнер, а таков е случајот и со Република Македонија. Базирајќи се на нашите постојани непосредни контакти со стопанствениците, не сме имале случај да добиеме критика дека системот за јавни набавки е дискриминаторен, неконкурентен или нетранспарентен и дека би требало да биде изменет“, вели Сарачини во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик.

Еден од проблемите на кои се жалат бизнисмените, а на него укажуваат и стручњаците, е односот на државата кон стопанските субјекти, во смисла на нивно ангажирање во проекти кои се реализираат од јавните давачки.

„Се бара да имаат милионски износи на годишен обрт, во одредени случаи се бара многу јасна структура, што исто така е симптоматично, структура на вработени кои фирмите мора да ја имаат за да учествуваат на тендерите, па дури имаме и случаи во кој се бара одреден износ на добивка која фирмите морале да ја остварат за да можат да учествуваат на тендерите, што е апсолутно нерелевантно“, смета Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Проблем за кој често се говори е и неефикасноста на институциите во исплатата на догловите кои државата ги има кон стопанските субјекти,

„Ние ги гледаме нашите клиенти - имаат големи побарувања од државните институции, од нивните купувачи кои се државни институции и институции кои што се дотирани од буџетот. И ние имаме такви купувачи и чекаме со месеци - да не ви кажам дека десет месеци чекаме наплаќања, никако да стигнеме на ред. Државата не прави нешто многу, еве, пак ќе кажам, за промоција - да ни помогне, да даде гаранции, да застане зад нас“, вели Ванчо Орданоски, сопственик на компанијата Инфопроект.

Министерот за економија, пак, нагласува дека во центарот на прашањето е - балансот.

„Моите согледувања би биле, сепак, погенерални, бидејќи оваа област - платниот систем и платниот промет, поконкретно - се во рамки на основните надлежности на Министерството за финансии, кое ги предлага и спроведува политиките на Владата на Република Македонија. Во таа насока, меѓу последните прифатени од страна на Владата е инструментот задолжница, на предлог токму на бизнис-заедницата, како средство за обезбедување навремено плаќање. Најголемите експерти за јавни финансии, кои имаат искуствени познавања за односот на плаќањето меѓу јавниот и приватниот сектор, сметаат дека во центарот на проблемот е балансот. Имено, високософистицираните и развиени институционални механизми за наплата и контрола на плаќања согласно закон на една држава би можеле страшно негативно да го погодат приватниот сектор, доколку истиот не е во кондиција да издржи таков приод, бидејќи практично постојано би бил предмет на инспекции и казнувања, кои финансиски ќе го исцрпат и колабираат. И обратно, слабите механизми за заштита на обврските на субјектите на пазарот, едни спрема други и оние спрема државата, во една земја, доведуваат до бројни незаконски профити на ограничени компании, неконкурентен бизнис базиран на злоупотреби од секаков можен вид, што ја носи националната економија во длабоки долгови“, вели Сарачини.

Проблем на кој се жалат бизнисмените се и спорите и неефикасни административни процедури. Искуствата на бизнисмените укажуваат на потреба од нивна промена.

„Домен за да се регистрира во Македонија, треба по пошта да се регистрира, со гумен печат да се запечати. Мислам, што да ви кажам, кога таму островски нации, Тувалу и не знам кои се`, имаат комплетно автоматизиран систем за регистрирање домени, ние се` уште со потписи и печати и со бирократски работи се бавиме... Така никаде нема да стигнеме“, коментира бизнисменот Ванчо Орданоски.

Во врска со овие забелешки, министерот за економија вели дека во тек е проект што би требало да ја зголеми ефикасноста на институциите во корист на бизнис- заедницата и нејзините потреби.

„Во моментот се реализира еден владин проект, финансиран од Европската Унија, кој се однесува на изработка на дизајн и мапирање на административните постапки за добивање лиценци и дозволи кои треба да бидат предмет на реформа. Очекуваме некаде кон крајот на јуни Владата да добие сестрана анализа од која ќе произлезат понатамошни конкретни задачи за тоа каде треба да интервенираме со подобрување на правната рамка и институционалната имплементација“, наведува Ваљон Сарачини.

Покрај наведените практични проблеми на бизнис-заедницата, отворено останува и најтешкото прашање констатирано во Извештајот на ЕК – ефикасноста на судскиот систем, кој е клучниот сегмент за обезбедување на правна сигурност, која колку им е потребна на граѓаните, толку им е потребна и на - парите.

XS
SM
MD
LG