Линкови за пристапност

Охриѓани реагираат на владините планови за изградба на ски-центар на Галичица


Тие не ја исклучуваат можноста за граѓанска непослушност и јавни протести, доколку проектите не се повлечат

Најавените владини проекти за изградба на скијачки центар во Националниот парк Галичица кај Охрид и експресен пат до Свети Наум кој би поминувал низ планината, го кренаа гласот на Охриѓани. Сметаат дека една од мерките е одржување на референдум за тие да го кажат своето мислење. Се предвидува изградба и на три туристички развојни зони, две на брегот на Преспанското езеро и една на Охридското езеро. Еколозите и граѓанските организации велат дека со ваквите проекти ќе се наруши еко системот на планината, ќе исчезнат цели површини шуми и природни живеалишта на различни видови флора и фауна.

„Ако комплетно или делумно се реализраат, мислам дека ќе предизвикаат големи штети. Галичица и Охридското езеро не се сопственост на граѓаните на Охрид. Тоа е светско културно и светско природно наследство“ изјави Трајче Талески, активнист во граѓанското движење Охрид СОС.

Охриѓани велат дека не постои никаква логика во изградбата на пат во должина од 35 километри и широчина од 15 метри.

„Фрапанатни се податоците од самата студија за влијанието на животната средина, коишто велат дека ќе биде потребен појас од 150 метри за сечење на дрвата од лева и десна страна поради безбедносни причини и пристапни патишта. Ќе ја нагрдиме Галичица, на ништо нема да личи. Нема да има повеќе пејсажи како што сега ги имаме и ја гледаме Галичица“ вели Александар Јованоски од велосипедскиот клуб„ Екодром“ од Охрид.

„Сметам дека некако набрзина и на нелогичен начин се туркаат некои проекти кои не се во интерес ниту на туризмот, ниту на граѓаните“ изјави Антонио Додоски, водич во планина.

Јованоски од „Екодром“ вели дека следен чекор ќе биде барање подршка од сите странски донатори кои вложуваат во Охрид. Не се исклучува можноста за граѓанска непослушност и јавни протести, доколку проектите не се повлечат. Неодамна беше покрената петиција за спас на Галичица и Охридското езеро, која доби широка меѓународна поддршка.

Галичица од 1958 година е Национален парк. Во 2014 година стана дел од Светската мрежа на биосферни резервати на УНЕСКО. Дали ќе се реализираат или не проектите на државата останува да се види.

XS
SM
MD
LG