Линкови за пристапност

Алармантно загадување во Македонија


Еколозите доставија до Владата итни предлог мерки и бараат ургентна реакција и нивна имплементација

„Состојбата со загадувањето на воздухот е алармантна, па во името на здравјето на сите граѓани во оваа држава бараме под итно: забрана за употребата на гуми, пластика, масло од автомобили, јаглен и други токсични средства во домаќинствата и индустријата и редуцирана работа на индустриските капацитети; зајакнување на инспекциите контроли и казнување на загадувачите“, побара Движењето на екологисти на Македонија (ДЕМ),

Според денешните мерењата на Министерството за животна средина, најзагаден е воздухот во Тетово и во скопските општини Центар, Карпош и Аеродром. Вчера воздухот во Тетово бил загаден 17 пати повеќе од дозволеното, а во населбата Лисиче - 10 пати повеќе од дозволеното. Но, и резултатите од мерните станици во поголемите градови во Македонија, ако на пример, во Битола, покажуваат загадување на воздухот со ПМ 10 честичките, од 450 до 800 мерни единици, што според медиумиските извештаи, влијае на здравјето на граѓаните.

ДЕМ на седницата во Велес донел итни предлог-мерки што ќе ги достави до Владата, и ќе бара таа итно да се изјасни за нив и ургентно да реагира во насока на нивна имплементација. ДЕМ предлага да се намали цената на био-дизелот во „критичниот“ временски период, со зголемување на процентот од 6% на 20%, како и интензивирање на контролите од инспекциските служби за палењето на диви депонии, стрништа или било каков отпад на отворен простор.

„Да се исклучат од сообраќај тешките возила кои не задоволуваат основни еколошки стандарди, да се одреди симболична цена за користење на јавниот превоз и да се обезбедат автобуси во градовите каде нема јавен превоз да се намали цената на електричната енергија и да се воведе гас за домаќинство без акцизи, во зимскиот период“ се дел од барањата на екологистите од ДЕМ, кои потенцираат и дека е неопходно да се забрани сечење дрвја во градовите, освен ако не се стари и ако не претставуваат опасност по околината.

ДЕМ побара од Министерството за животна средина.да се грижи за спроведување на законите за амбиентален воздух и за животна средина, „да се разбуди од зимскиот сон, кој го зафатил и да и предложи на Владата итни мерки, затоа што тоа е негова работа“.

По кревањето на маглата над аеродромот „Александар Велики“ полека се нормализирал утринава блокираниот авио-сообраќај, поради што, одделни летови беа пренасочени кон соседни аеродроми, и се реализирани летови од Скопје и слетувања според возниот ред. Медумите јавија и за заглавените 180 македонски државјани на аеродромот во Барселона, бидејќи летот за Скопје бил откажан поради маглата на „Александар Велики“.

Маглата исто така, го отежнува и движењето на возилата на повеќе патни правци низ Македонија, а на дел од нив, видливоста е до 50 метри.

Откако Светската банка ја рангираше Македонија на петто место по смртност од загаден воздух, загадувањето стана и тема на партиски полемики меѓу власта и опозицијата. Кои со денови наназад меѓусебно се обвинуваат за причините и вината за загрозувањето на здравјето на граѓаните. За опозициската СДСМ, причините за загадениот воздух се во недостатокот на инвестиции во сферата на заштита на животната средина, неспроведената гасификација, намалувањето на еколошкиот стандард при увоз на стари моторни возила, лошото урбанистичко планирање, непочитувањето на стандардите за градење, како и уништувањето зелени површини и непланското сечење на дрвјата. „Граѓаните знаат дека загадувањето е последица на погрешните политики на власта на централно и на локално ниво. Груевски потроши 630 милиони евра за споменици а проблемот со загадувањето не е решен“, тврдат од СДСМ.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година. Оваа Влада и градоначалникот на Скооје Коце Трајановски изградија и проширија булевари за побрз проток на сообраќајот. Оваа Влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа Влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје, за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација“, ги демантираа обвинувањата на опозицијата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG