Линкови за пристапност

И опозицијата подготвена за предвремени парламентарни избори

  • Борјан Јовановски

Црвенковски бара изборите да бидат во март, заедно со локалните. Жерновски сака техничка влада што ќе ги организира изборите.

Опозицијата ја прифаќа фрлената ракавица од власта за предвремени парламентарни избори.

Социјалдемократите прифаќаат предвремени избори за кои сметаат дека би требало да одржат во исто време со локалните, закажани за март идната година.

„За предвремни парламентарни избори во март заедно со локалните избори има доволно време да се донесат измени во законската регулатива, да се провери избирачкиот список. Ако постои вистинска определба за такво нешто во март, ќе се видиме на предвремени избори“, изјави денеска претседателот на опозициониот СДСМ, Бранко Црвенковски, по средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер.

Коментирајќи ја актуелната криза во владејачката коалиција, првиот човек на СДСМ кажа дека станува збор за политички пазар.

„Ова што го гледаме овие денови го гледаме по десетти пат во релациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во изминатите неколку години. Се изнаслушавме во разни ситуации жестоки критики, меѓусебни условувања и уценувања, за на крај секогаш да се случи еден евтин политички пазар меѓу двете партии во власта и сето тоа да заврши со една топла братска коалициона прегратка“, изјави Црвенковски.

Предвремените парламентарни избори ги прифаќаат и либералдемократите.

„Заминувањето на Ахмети, или, пак, на Груевски од Владата не значат автоматски и нови избори. Напротив, тоа може да значи и ново парламентарно мнозинство, но составено со една и единствена цел, а тоа е организирање на демократски парламентарни избори со претходно децидно имплементирање на препораките на ОБСЕ, со носење на нов изборен законик, без притисоци врз гласачите, без закани по работните места на вработените, без купување на гласови, и, што е мошне битно, со прочистен избирачки список, бидејќи стана јасно дека во Македонија имаме повеќе гласачи отколку жители“, изјави претседателот на ЛДП Андреј Жерновски.

Полтичката сцена ја разбрани вчерашната изјава на премиерот Никола Груевски, во која обелодени дека постои криза во односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека е подготвен да оди на предвремени параламентарни избори, доколку не бидат надминати недоразбирањата меѓу коалиционите партнери.

„Постои криза во коалицијата и доколку ДУИ се одлучи на таков потег, ние сме подготвени за предвремени парламентарни избори, иако тоа е опција која не ја посакуваме, бидејќи тоа ќе значи одредена дефокусација во одреден период“, изјави Груевски во Кичево.

Според премиерот, кризата во владината коалиција е резултат на промените во однесувањето на дел од раководството на ДУИ, за кое оцени дека не се однесувало коректно како во минатото, особено потенцирајќи го настанот со полагањето цвеќе на споменикот на припадниците на ОНА во Слупчане.

Кризата се продлабочи и со предлог-законот за бранителите.

Опозиционата ДПА денеска најави подршка за владејачката ДУИ доколу таа се одлучи да оди на предвремни избори за да се спречи донесувањето на овој закон, кој, според лидерот на ДПА, Мендух Тачи, е против интересите на етничките Албанци.

„Подготвен сум да ги поддржам обидите на ДУИ да се спречи донесувањето на овој лош закон и сериозно, доколку тие мислат дека овој процес може да се блокира преку предвремени избори, јас сум подготвен да седнам со нив и да разговарам за излез од оваа ситуација“, изјави Тачи по средбата со Рикер.
XS
SM
MD
LG