Линкови за пристапност

Ќе има избори или не? – ДИК се` уште без став

  • Синиша Станковиќ

Со тоа и распуштањето на Собранието во моментов е неизвесно

По неколкучасовна седница, која неофицијално, главно поминала во жестоки полемики меѓу партиските членови, ДИК го усвоила извештајот за досегашните теренски проверки во Избирачкиот список, но членовите на Комисијата и понатаму имаат сосема спротивставени мислења за можноста навреме да се пречисти списокот за да има кредибилни избори на 5-ти јуни.

Според членовите на ДИК од партиите на власт, до заклучувањето на Избирачкиот список - со пречистувањето ќе се одразува реалната ситуација на теренот, а за членовите од опозицијата пречистувањето е на самиот почеток. Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски пак, потенцирал дека нема да го потпише Избирачкиот список ако остане и само еден спорен гласач.

И покрај сите нејаснотии по денешната седница на ДИК, сепак, се очекува Собранието до полноќ македонско време да се самораспушти, со опција - спикерот Трајко Вељаноски, веднаш да не ги распише изборите, туку дури на последниот законски предвиден датум - 15 април, од една страна, за ДИК да ги дозаврши обврските, а од друга страна - да може да се изврши притисок врз опозицијата да не ја исполни најавената закана за бојкот на изборите, ако не се исполнети условите од Пржинскиот договор.

Во тој контекст се и оставките на министрите и на дополнитените заменици министри од редовите на СДСМ, кои почнуваат да важат ако ноќва, со примената на Одлуката од 23 февруари, Собранието се самораспушти, што ќе значи и бетонирање на датумот на предвремените избори - на 5 јуни. Според СДСМ, не се исполнети условите за слободни и фер избори, но според оваа партија, опозицијата „останува гарант на заложбите за спроведување фер, регуларни и демократски избори во Република Македонија“.

Спеак, според одделни аналитичари, партиите на власт се цврсто решени да одат на избори и покрај евентуалниот бојкот на здружената опозиција. Иако од СДСМ тврдат дека за целосно ажурирање на списокот се потребни најмалку уште неколку месеци, од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека сите дополнителните проверки може да завршат за неколку дена.

Досегашните извештаи за вкрстените, теренските и административните анализи покажуваат дека контролите во институциите, пред се во МВР, одат бавно: од вкупно 41.863 барања за лични карти - досега се проверени само 19.689 или 41 процент, а од 68.696 барања за патни исправи, проверени се само 12,4 проценти, или 8.519. Затоа опозицијата стравува дека повторно ќе се соочи со речиси истата база на податоци како во изборите во 2014 година, Но, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека во рок од три дена МВР може да направи проверки на над 107.000 лица за кои се претпоставува дека се иселени, со што според оваа партија, би била завршена проверката на сите 328.452 неконзистентни записи. Сето тоа, за СДСМ е само шминкање на Избирачкиот список.

Покрај опозицијата преводена од СДСМ, и албанското движење „Беса“ и Фронтот за демократска Македонија во кој членуваат и дел од основачите и најстарите членови на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека „во Македонија нема услови за фер, слободни и демократски избори“, дека „избори не смеат да се одржат додека не се овозможи минималнo демократскo стабилизирање и нормализирање на Македонија“, што за нив значи „разграничување на државата од партиско-политичкото одлучување, легитимност на законите и политичките одлуки, институционализација и владеење на правото, доследно почитување на начелото на поделба на власта, решавање на политичкиот конфликт според начелата на демократијата, дијалогот и толеранцијата и постигнувањето консензус меѓу клучните политички фактори“.

XS
SM
MD
LG