Линкови за пристапност

Продолжен рокот за компаниите - загадувачи


Од протестот на неколку граѓански организации против загадувањето на воздухот, одржан во Скопје на 21-ви декември 2013-та
Од протестот на неколку граѓански организации против загадувањето на воздухот, одржан во Скопје на 21-ви декември 2013-та

Иако на 1-ви април истекна рокот да ги исполнат еколошките стандарди, власта им дозволи да работат до крајот на октомври.

„Сакаме да ја потсетиме јавноста дека овие загадувачи за исполнување на еколошките стандарди имале период од речиси десет години. Поради тоа, продолжување на рокот (...) не е ништо друго до купување време и уште една можност тие индустриски капацитети да работат, се` додека заработуваат огромни суми“, порачаа од Организацискиот одбор на протестите „Стоп на канцерогеното загадување на Тетово“, по одлуката на Владата - на компаниите „Макстил“ и „Југохром“, да им го пролонгира рокот до 31-ви октомври - да ги довршат почнатите технолошки процедури за воведување на еколошки стандарди за А-интегрирана еколошка дозвола.

Така, иако најголемите загадувачи беа обврзани да ги применат највисоките еколошки стандарди за да ја добијат дозвола, а таа обврска не ја исполнија, сепак нема да им биде забранета работата.

Иако и министерот за животна средина, Абдилаќим Адеми, во претходните изјави потенцираше дека „чекорите кои Владата ги презема, јасно покажуваат дека прашањето за здрава животна средина е високо на нејзината политичка агенда“, портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, деновиве образложи дека „на овие две компании ќе им биде наложено во овој период од шест месеци, нивните капацитети да работат со намалено производство, што значи и намалена емисија на гасови, а во исто време, ќе нема отпуштање од работа на работници од компаниите“.

Истовремено, Инспекторатот за животна средина ќе им изрече казни на „Макстил“ и „Југохром“ затоа што не ги исполнија обрските за спречување на загадувањето, а на термоелетраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и Неготино, што се објекти од јавен интерес, им е даден рок од уште три години, до 2017-ма, за инвестиции во сферата на заштитата на човековата средина. Во медиумите се појави и податок дека досега, од преку 150 компании, само дваесетина добиле дозвола пред рокот, а дека голем број барања се во процедура.

По ваквата одлука, Организацискиот одбор на протестите „Стоп на канцерогеното загадување на Тетово“ го испрати соопштението во кое ги прашува премиерот Никола Груевски и министерот за животна средина Адеми: „Зошто не им се одредени казни на овие компании за неисполнување на еколошките стандарди, иако ова е во рамки на надлежностите на Инспекторатот на Министерството за животна средина? Како е можно овие индустриски капацитети да не направиле ништо во насока на поставување на филтрите и ова да не е забележано од Инспекторатот на Министерството сите овие години? Зошто вие, господине Адеми, не го почитувате сопствениот збор дека ќе го затворите „Југохром“ и другите загадувачи на 1 април 2014, доколку не ги исполнат еколошките стандарди? Зошто бесрамно лажете? Да ве потсетиме, ја споделивте со сите нас оваа лага на 2 јануари 2014 во емисијата „Опен“ на МТВ2. Зошто вие господине Груевски се преправате дека не знаете дека жителите на општината Јегуновце се изложени на високо канцерогено загадување и дозволувате „Југохром“ да работи без ниту еден филтер или пак минимални еколошки стандарди?“.

Во интервјуто за декемврискиот број на специјализираното списание „Инженерство“, на прашање - дали е можно затворање на извозно ориентираните капацитети како „Југохром“ и „Макстил“ и што тоа ќе значи за македонското стопанство во целина, министерот Адеми одговори: „Владата на Република Македонија и јас, како ресорен министер, неколку пати на прес-конференции укажавме дека нашиот став е недвосмислен и рокот - 1 април 2014 - за добивање на Дозвола за усогласување со оперативниот план, нема да се измени!... Исклучиво право за промена на овој рок има Владата на Република Македонија и само донесување на одлука од нејзина страна може да го одложи затварањето на оние капацитети кои нема да ги исполнат со закон зацртаните обврски. Но, наша цел, секако не е да ги затвораме капацитетите, туку очекуваме од нив да ги извршуваат своите економски активности, и да ги испочитуваат роковите договорени во оперативните планови. И покрај тоа што секогаш при инсистирањето на роковите ја имавме предвид целосната економска ситуација, социјалната заднина и позитивниот придонес на извозно ориентираните капацитети во надворешната трговска размена, сепак, дојде моментот кога договорената и законска обврска мора да се испочитува!“.
XS
SM
MD
LG