Линкови за пристапност

Итно да се формира влада што ќе ги обедини партиите


Аналитичари за Гласот на Америка го објаснуваат потегот на Иванов како резултат на меѓународен притисок, а ВМРО-ДПМНЕ најави дека будно ќе ја следи идната власт

Силен домашен, но, уште поинтензивен притисок од надвор. Вака дел од познавачите на меѓународната политика го објаснуваат потегот на шефот на државата Ѓорге Иванов, кој по неколкумесечно одолжување, го додели мандатот за формирање влада на парламентарното мнозинство.

Соговорници за Гласот на Америка, анализираат дека нова влада би имало и без доделен мандат, но, од аспект на намалување на можностите за какво било оспорување, сепак е добар чекорот што го презеде Иванов, и што претседателот на СДСМ Зоран Заев се официјализираше во мандатар.

„Ова веројатно би била најнормалната постапка што би можела да се направи. Имаш партија што освоила најмногу пратенички места, го доделуваш мандатот, и откако не успела да формира влада, го доверуваш мандатот на некој друг. Меѓутоа во случајов станува збор за многу сериозен притисок, што доаѓаше константно во изминатите десетина дена. Имаше делови кои не доликуваа, или кои не беа дел од вообичаената уставна процедура. Меѓутоа притисокот беше очигледно многу голем“, вели политичкиот аналитичар Андреја Стојковски.

САД, Европската унија, највлијателните членки на ЕУ и на НАТО, го поздравија врачувањето на мандатот, повикувајќи на брзо формирање влада, која ќе ги „турка“ итните реформски приоритети и договореното во Пржино, како и што ќе ги обедини сите партии околу стратешките цели на државата.

Слични пораки дојдоа и од соседството.

„Само стабилно управување во Македонија може да ги смири политичките страсти“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска порача дека будно ќе ги следи чекорите на идната власт, бидејќи како што соопштуваат, „Зоран Заев покажал дека за него е вообичаено да се гази Уставот, законите и Деловникот на Собранието, како што било при обидот да се избере Талат Џафери за претседател на Парламентот“.

Мандатарот Заев веќе ги почна консулатциите со останатите партии од мнозинството за составот на идната влада. Тој најави дека деновиве ќе се сретне со раководствата на ДУИ и на Алијансата за Албанците, по вчерашниот состанок со лидерот на БЕСА.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG