Линкови за пристапност

Хајндл ќе работи на аболицијата на Иванов и датумот за избори


Неофицијалните најави германскиот посредник ќе има две насоки во дипломатската посредничка мисија- изборите и одлуката на претседателот за помилување

Партиите не соопштуваат до каде се разговорите за излез од кризата. Она што се знае е дека има контакти, дека меѓународната заедница преку американскиот и евроамбасадорот Бејли и Орав директно е вклучена во процесот што се води далеку од очите на јавноста и дека најверојатно во опција се неколку решенија. Други детали не се прецизираат.

Неофицијалните најави се дека во текот на оваа недела во Скопје се очекува да пристигне новоназначениот германски специјален пратеник за Македонија амбасадорот Јоханес Хајндл кој, како што соопшти официјален Берлин, треба одблиску да се координира со ЕУ и САД во напорите за посредување.

Во меѓувреме и Париз, преку амбасадорката во Скопје Лоренс Оер прати порака дека постои загриженост за состојбата во Македонија. Оер прашува како на 5-ти јуни може да има избори.

„Оваа политичка криза не засега сите, ме засега и мене. Штета е што на 9-ти мај кога треба да ја славиме Европа, ние сме загрижени за она што се случува во Македонија. Сите си го поставуваме прашањето како ќе се излезе од кризата и како на 5-ти јуни би имало избори кога ставовите меѓу политичките партии се уште не се усогласени, листите не се подготвени. Потребно е да се најде излез од оваа криза“, изјави амбасадорката Оер.

Претпоставките се дека линиите по кои Хајндл ќе се движи во дипломатската посредничка мисија ќе бидат двете, во моментот, најпроблематични прашања - аболицијата на Ѓорѓе Иванов и датумот на одржување на предвремените избори, засега фиксиран на 5-ти јуни.

Досега меѓународните претставници во земјава јасно и во неколку наврати кажаа дека помилувањата не се добар чекор, дека ја усложнуваат ситуацијата и дека таквата одлука треба биде повлечена. За второто проблематично прашање пак, избори на 5-ти јуни, нешто на што инсистира владејачката ВМРО-ДПМНЕ, дипломатите, како Лоренс Оер, веќе јавно зборуваат дека воопшто не е добра опција зашто условите за фер и кредибилен процес не се исполнети.

XS
SM
MD
LG