Линкови за пристапност

Зошто официјален Берлин директно се вклучи во обидите да се реши кризата во Македонија?


Зошто официјален Берлин директно се вклучи во обидите да се реши кризата во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Германскиот специјален претставник, Јоханес Хајндл, одблиску ќе соработува со амбасадорите Бејли и Орав, во поддршка на преговарачките напори

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штјанмаер го назначи актуелниот амбасадор во Австрија Јоханес Хајндл, за свој специјален пратеник во Македонија. Неговиот мандат ќе биде одблиску да се координира со ЕУ и САД во поддршка на преговарачките напори. Станува збор за долгогодишен дипломат со децениско искуство за Балканот кој во изминатите 15 години извршувал високи функции во германското Министерство за надворешни работи, меѓу другото поврзани и со Југоисточна Европа. Само неколку часови пред да се официјализира намерата на Берлин за непосредно вклучување во менаџирање на кризата, германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер, обелодени дека постои засилен ангажман на меѓународната заедница.

„ЕУ, исто како и нашите колеги од американската амбасада, е длабоко инволвирана за изнаоѓање решение. Има голема загриженост за ситуацијата во земјата. Ние сме инволвирани, се обидуваме да помогнеме од поодамна, но на крајот зависи од македонските политичари да најдат решение“, изјави германската амбасадорка.

Проценките се дека наредните денови, или до 11-ти мај, кога истекува рокот за доставување на кандидатските листи за пратеници, ќе бидат решавачки за евентуалното постигнување договор. Американскиот и европскиот амбасадор се во постојани разговори со партиските раководства. Неофицијално, се разгледуваат низа варијанти: од одложување на парламентарните изборите до наесен, нивно одржување наредната година заедно со локалните избори, формирање техничка влада, па се` до можноста за враќање на старата влада, онаа пред влезот на опозицијата.

Како еден од клучните елементи за можното постигнување нов договор е повлекување на помилувањето што го даде претседателот Иванов – услов што го наведе опозицијата, но е и барање на меѓународната заедница.

„Прво мора да се исполнат условите за фер избори, тука е и прашањето за прославеното претседателско помилување. Без исправање на овие работи, не гледам можност за почеток на нови формални преговори или разговори“, рече екс-медијаторот на ЕУ во Македонија, Питер Ванхауте.

Ако „офанзивата“ на меѓународната заедница не даде резултат и владејачката ВМРО-ДПМНЕ сепак реши да одржи избори на 5-ти јуни, извесно е дека опозицијата ќе оди на бојкот, опција којашто дипломатите во Скопје ја нарекуваат „најмалку посакувано сценарио“ кое, според нивните проценки, наместо политичка стабилизација ќе донесе подлабока криза.

XS
SM
MD
LG