Линкови за пристапност

Нов потрес во владината коалиција

  • Синиша Станковиќ

ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ преку брифинзи за новинарите спорат околу предлог-законот за припадниците на безбедносните сили и нивните семејства.

ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ си упатуваат остри забелешки, но засега неофицијално - на брифинзи со новинарите. Причина е новиот предлог-закон на ВМРО-ДПМНЕ за посебни права на припадниците на безбедносните сили и за нивните семејства, а во врска со конфликтот од 2001-ва година. Дел од македонските медиуми ги пренесоа пишувањата на своите колеги од медиумите на албански јазик, според кои ДУИ повторно се заканила со напуштање на Владата, доколку во законот не бидат предвидени и посебни права за борците на расформираната ОНА, со чие пацифизирање и настана партијата.

Според порталот на албански јазик, Порталб, генералниот секретар на ДУИ Абдулаќим Адеми на брифинг изјавил дека со предлог-законот што ќе влезе во собраниска процедура, ВМРО-ДПМНЕ го крши Мајскиот договор со ДУИ, што може да предизвика оваа партија да излезе од Владата.

Порталот објави дека ако не се прифатат амандманите, ДУИ ќе се најде во позиција да не може повеќе да попушта, откако во текот на преговорите за формирање на Владата, ВМРО–ДПМНЕ се согласила да не се покренува прашањето за конфликтот во 2001-ва година, а сега го менува тој став. Како што наведува Порталб, според ДУИ, договорот со ВМРО-ДПМНЕ предвидувал во овој мандат да не се отвораат прашањата за статусот на борците на ОНА и на бранителите.

Дел од македонските медиуми, пак, јавуваат дека Адеми навестил и дека во ДУИ се подготвуваат амандмани на предлог-законот, чие евентуално неприфаќање од собраниското мнозинство би довело до преиспитување на понатамошното коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ во Владата на премиерот Никола Груевски. Во таквите анализи, новото загрозување на меѓуетничките односи би ја предизвикало ДУИ да излезе од Владата и да иницира предвремени избори заедно со локалните.

Контра-брифинг имаше ВМРО-ДПМНЕ, која тврди дека води принципелна политика базирана врз идеолошката платформа утврдена од партијата и членството, и која добива свој легитмитет на избори.

Според ВМРО-ДПМНЕ, настаните како полагањето цвеќе на споменикот на припадниците на ОНА во Слупчане, не биле и не се дел од политичкиот договор меѓу политичките партнери.


И додека здруженијата Бедем, Македонските обединети сили и „Херои на Македонија“, здружение на членовите на семејствата на загинатите и починати припадници на вооружените сили во 2001-ва, го подржаа новото законско решение, албанската Национална демократска партија со соопштение тоа го оцени како потврда „за популистичката и антиалбанска политика на Владата на Република Македонија“

НДП ја повика ДУИ недвосмислено да се изјасни против предлог-законот и да не прифаќа компромиси кои „секогаш завршуваат со козметички решенија за проблемите со кои се соочуваат Албанците во Македонија“.

Порталот на македонски јазик „Плусинфо“ објави дека и во распоредот на актуелната посета на Филип Рикер, помошник-заменикот државен секретар на САД, ќе биде вметната и настанатата криза во коалицијата на власт и дека американскиот гостин попладнево ќе разговара со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, најверојатно во резиденцијата на амбасадорот на САД, Пол Волерс, за да се надмине проблемот.

Ослободување од плаќање на здравствени услуги, вработување, станбено згрижување, еднократен паричен надоместок, права од областа на образованието, бенефициран работен стаж, семејна пензија, загарантирана најниска пензија, сместување во старечки домови, одбележување на местата каде што загинале припадниците на безбедносните сили и одликувања се дел од бенефициите предвидени во предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ, поднесен како реакција на постапката на министерот за одбрана Фатмир Бесими.

Американската амбасада го поздрави потегот на Бесими, кој минатиот понеделник, во придружба на униформирани членови на неговиот кабинет се поклони пред споменик на припадници на ОНА од 2001-ва година, излегувајќи со став дека постапката на министерот во Слупчане е одраз на визионерство и храбро лидерство во претставувањето и служењето на сите граѓани на Македонија.

„Визијата и патриотизмот на лидерите како Бесими се критични за процесот на залечување на раните кај двете страни од конфликтот“, стои во американската реакција.

Но, според партијата ВМРО-ДПМНЕ, „овој чин не е ни визионерство, ниту храбро лидерство, ниту патриотизам и освен ако зад него не стои друг план, тоа е само перчење пред сопствениот електорат со цел добивање краткорочни партиско-политички поени, а на сметка на довербата меѓу различните етнички заедници... Тоа може да биде само отворање стари рани, креирање емоционална болка кај населението, создавање лоша атмосфера, предизвикување револт и слично“, се наведува во партиската реакција..

Со предлог-законот е предвидено посебни права да добијат „учесниците во безбедносните сили на Македонија, во рамките на АРМ и на МВР за одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и во спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија, сметано од 1 јануари 2000 година до 31 декември 2001 година“.

Со законот се опфатени категориите: загинат припадник на безбедносните сили, починат припадник, воен инвалид и членови на семејството на припадник на безбедносните сили (брачен другар, деца и родители). Но, со законот не се превидени посебни права за припадниците на ОНА од 2001-ва година.
XS
SM
MD
LG