Линкови за пристапност

Построга процедура за бегалците


На македонско-грчката граница од денес започнала поригорозна контрола на документите

Истовремено со најавите за промени во процедурата за премин на границите и за прием на бегалци од воените подрачја во дел од западноевропските земји, од денес, на котата 59, на Богородица, на македонско-грчката граница, започнала нова процедура која опфаќа поригорозна контрола на документите на бегалците од припадниците на македонската полиција. Откако македонските полицајци детално ќе ги проверат личните документи или документите кои им се издадени за време на патувањето, бегалците поминуваат уште една контрола, со претрес на багажот од припадниците на полициите од државите од Вишеградската група и од други земји членки на ЕУ, кои им помагаат на македонските колеги. Ваквиот начин на построга контрола, секако ќе ја забави процедурата и задржувањето на бегалците на границата, што во услови на непропуштање на економските мигранти, може да ги зголеми тензиите на граничната линија.

Од утрово стапи на сила одлуката на Австрија за примена на ограничување на бројот на мигрантите кои дневно можат да влезат во земјата, која ќе важи се до изнаоѓање на европско решение. Иако од Грција стигнуваат обвинувања дека се кршат договорите на Унијата, според официјална Виена, од „Балканска рута“ во Австрија ќе се пропуштаат само 3.200 бегалци, а ќе се прифаќаат само 80 барања за азил дневно. Со тоа, Австрија им испрати порака и на балканските земји дека од нив очекува порестриктивна политика на границите во поглед на бегалската криза.

Веднаш соодветно одговорија Србија и Унгарија, чии министри за внатрешни работи, по денешниот состанок најавиле дела ќе следат што се случува во Европската унија и согласно тоа ќе се однесуваат во мигрантската криза. Србија ќе дозволи влез на онолку бегалци колку што ќе можат да влезат во Австрија, а економските мигранти во иднина нема да можат да заминуваат по досегашната рута во Европската унија. Србија од денес, веќе привремено ја затворила границата, зашто, Хрватска, надовно, не ги пропуштала бегалците кон Словенија и Австрија, па од вчера ниеден воз не тргнал од станицата во Шид, а уште 250 бегалци биле на пат од Прешево кон хрватската граница.

И покрај 37-те километри двојна ограда на границата со Грција, ваквите рестрикции на север, секако дека ќе го засилат шверцерскиот бран со економските мигрантите и со бегалците и во Македонија. Вчера, во само една куќа во кумановското село Ваксинце, полицијата пронашла 17 мигранти од Пакистан и Иран, а во друга куќа во истото село четворица мигранти од Сирија, Египет и Алжир.

Од друга страна, тешко може да се прогнозира развојот на настаните, зашто, медиумите во Скопје пренесоа агенциски вести дека на самитот на ЕУ во Брисел, грчкиот премиер Алексис Ципрас, наводно се заканил дека ќе стави вето на секој договор што ќе биде постигнат за Велика Британија, ако не добие цврсти гаранции за односот на ЕУ кон бегалската и мигрантска криза.

XS
SM
MD
LG