Линкови за пристапност

Десет илјади лица чекаат на влез во Македонија

  • Синиша Станковиќ

Бегалците ќе се превезуваат со воз до македонско-српската граница, а ќе можат да користат и такси возила

„Свесни за состојбата која постојано се заканува да ескалира, побаравме помош од пријателите на Македонија. Министерството за внатрешни работи врз основа на билатералните договори за полициска соработка упати барање за помош до повеќе држави, меѓу кои Австрија, Чешка, Хрватска, Словачка, Полска, Србија, Унгарија, Словенија, барајќи поддршка и помош за организирање заеднички операции за засилен надзор на нашата јужна граница“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по повод скрининг-посетата на претставници на полициите од овие држави на Македонија, во состав на проектот за поддршка во справувањето со мигрантската криза.

Посетата доаѓа во момент кога по петдневна блокада на такси возачите, пругата Гевгелија – Скопје е отворена за сообраќај, и како што соопшти Центарот за управување со кризи, како времена мерка, бегалците ќе се превезуваат со еден воз во 02 часот наутро, а во другиот дел од денот, за трансфер до македонско-српската граница, ќе можат да користат и такси возила.

Паралелно со деблокадата на пругата во Македонија, по завршувањето на штрајкот на грчките морски превозници, околу десет илјади лица пристигнале во Идомени на грчко-македонската граница и го преполниле прифатниот камп. Иако денес во Грција е генерален штрајк, на границата, во соработка, грчката и македонската полиција пропуштаат групи бегалци на половина час, и денот на македонска страна поминува мирно. Но, со зголемувањето на бојот на новодојдените бгалци, ќе се зголемува и притисокот, особено поради чекањето за проверка на документите

Дел од медиумите во Македонија и во Србија деновиве шпекулираа дека ЕУ, користејќи го фондот за згрижување на бегалци ќе бара дел од нив да останат на териториите на овие две држави. Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич изјавила дека ЕУ ниту побарала, ниту ќе бара, дел од мигрантите трајно да се населат во Србија и во Македонија, демантирајќи ги наводите на порталот Еурактив.

Демантираа и од македонското МВР.

„Она што може да се каже е дека низ Македонија дневно транзитираат околу 2.000 бегалци. Се спроведуваат сите процедури за нивна регистрација и неопходните безбедносни мерки, по што тие го продолжуваат транзитот. За кампови или други варијанти за престој на бегалците, досега не е разговарано. Но, ако почнат да ги враќаат бегалците од север, и ние ќе мора да ги враќаме во земјите од каде што влегле во Македонија“, соопштиле од МВР за медиумите.

XS
SM
MD
LG