Линкови за пристапност

Избори на 11 декември - утре се бира техничка влада


Петтиот член на ад-хок комисијата за следење на медиумите е Љуљзим Хазири, а Санта Аргирова ќе биде уредник на информативната програма на Јавниот сервис

Утре ќе се избере техничка влада за спроведување на предвремените избори, во која ќе учествува и СДСМ.

Избран е и петтиот, последен член на ад-хок комисијата за следење на информирањето на медиумите, Љуљзим Хазири, а усогласена е и методологијата како тоа ќе се спроведува.

Санта Аргирова ќе биде уредник на информативната програма на Јавниот сервис.

Ова е епилогот од средбата на која лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и на ДУИ проценија дека парламентарните избори треба да се одржат на 11-ти декември.

Официјален Берлин ја поздрави одлуката, потенцирајќи дека очекува да се имплементира договореното.

Европската унија, преку заедничко соопштение на Јоханес Хан и на Федерика Могерини, повика на фер изборен процес.

Истото го порача и американскиот амбасадор во Џес Бејли кој ги олеснуваше неколкучасовните лидерски преговори.

„Ќе направиме се` што можеме во наредните недели и месеци да осигураме дека ќе има кредибилни избори, кои ќе ги исполнуваат условите и кои ќе им овозможат на граѓаните слободно да гласаат без заплашување“, изјави Бејли.

По состанокот, Груевски и Заев излегоа со различни оценки за тоа што е суштината на договорот.

„Добро е што денеска СДСМ ја потпиша изјавата со која потврди дека ќе излезе на избори на 11-ти декември, иако секогаш после сето она што го направија во изминатите месеци и двете одлагања што се случија, секој потпис и збор на СДСМ го гледам со резерва“, рече Груевски.

Заев, пак, со следниот коментар:

Се изборивме граѓаните на Македонија на 11-ти декември да може слободно да гласаат. Времето на изборно насилство и фалсификување на слободната волја на граѓаните заврши. На 11-ти декември ќе ги поразиме сиромаштијата, криминалот, корупцијата, етничките поделби, омразата и партизацијата на институциите“, смета тој.

За Ахмети и Тачи важно е имплементирање на договореното.

„На 2-ри септември ќе стартува почитувањето на сите рокови што се пропишани во договорот“, изјави Ахмети.

Тачи нагласи дека „поважно ќе биде ако партиите што ќе ја сочинуваат владата од задутре дадат голем придонес тоа да се случи и на терен“.

Во техничката влада СДСМ најверојатно ќе учествува со кадрите кои беа и во претходната, а денеска веќе почнаа преместувања во Министерството за внатрешни работи.

Митко Чавков поднесе оставка од функцијата министер и ја презеде позицијата директор на Бирото за јавно безбедност.

На негово место доаѓа професорот Оливер Андонов кој пак, по изборот на техничката влада, утре ќе биде дополнителен заменик-минстер.

Смена има и во Управата за безбедност и контраразузнавање. Нов директор е досегашниот прв човек на Управата за финансиско разузнавање Владимир Атанасовски.

МВР се смета за клучен ресор за фер избори во декември, кои ќе бидат четврти вонредни избори во последните осум години.

XS
SM
MD
LG