Линкови за пристапност

Холандија ќе бара во Чикаго да се спомене хашката пресуда

  • Борјан Јовановски

Да се дојде до формулација која ќе ја забрза интеграцијата на Македонија, вели холандскиот шеф на дипломатијата Ури Розентал.

Шефот на холандската дипломатија Ури Розентал и холандскиот премиер Марк Руте заминуваат на Самитот на НАТО во Чикаго со обврска да се заложат во завршните документи на овој состанок на земјите-членки на Алијансата на највисоко ниво да се забележи дека пресудата од Хаг за грчко-македонскиот спор.

Холандската дипломатија доби ваква обврска од Парламентот на Кралството. Незадоволни од првичната агенда на шефот на дипломатијата, презентирана пред парламентарните комисии, опозиционите социјалдемократи преку претставникот Ханс Тимерманс побараа Холандија на Самитот на НАТО во Чикаго да се заложи за интеграцијата на Македонија во Алијансата.

Барањето на опозиционерите доби поддршка и од пратениците на владејачкото мнозинство.

„Минатиот пат говоревме опширно за Македонија. Тогаш не бевме многу задоволни од одговорите на министерот на нашите прашања. Би сакал министерот да вети, како што баравме минатиот пат, дека Холандија ќе соработува со земјите кои се спремни да поддржат најдобра формулација за Македонија во декларацијата на Самитот. Холандија да се бори за НАТО перспективите на Македонија”, изјави на седницата на Комитетот за надворешна политика Хан ден Броеке од владејачката Либерална партија.

По заедничката акција на владејачкото мнозинство и најголемата опозициона партија, министерот за надворешни работи истапи пред комитетот со ветување. „Во врска со ургентното барање на многу од вас, јас разговарав со двете страни, Македонија и Грција, но и со медијаторот Нимиц. Позицијата на Холандија е дека со земјите истомисленички треба да се работи за да се дојде до формулација која ќе ја забрза интеграцијата на Македонија”, рече Ури Розентал на седницата на Комитетот за надворешна политика на холандскиот Парламент.

По ваквата позиција на шефот на холандската дипломатија, иницијаторот на оваа измена во холандската агенда за Самитото на НАТО, социјалдемократот Тимерманс изјави: „Сакам да го пофалам ангажманот на министерот околу ова прашање. Од мое искуство знам дека договарањето со различни страни е тешка работа и не може да се очекува резултат во еден ден, но сакам да го поттикнам министерот да продолжи по овој пат. Во Чикаго треба да се даде сигнал дека проблемот со името не треба да стои на патот на Македонија кон членство во НАТО. Холандија е позната по својата јасна линија во однос на меѓународното право”.

Ова барање го подржаа и опозиционие демохристијани. „Во врска со Македонија, во текстот да се спомене Пресудата на Меѓународниот суд на правдата”, кажа пратеникот Орлем од Демохристијанската партија.

Сличен став презентираа и од Партијата на зелените. “Во текстот на завршните документи на Самитот да се земе предвид одлуката на Меѓународниот суд на правдата и да се потенцира дека Македонија веќе одамна требаше да стане членка на НАТО” изјави пратеничката Петерс во име на парламентарната група на зелените.

XS
SM
MD
LG