Линкови за пристапност

Парламентот изгласа Декларација за НАТО


Мнозинството пратеници и од власта и од опозицијата дадоа поддршка за предлогот на владеачките партии, документ со симболично, а не суштинско значење, со кој се реафирмира стратешката цел на Македонија – членство во Алијансата.

Македонскиот парламент денес во рамките на 29-тата седница, изгласа Декларација за реафирмирање на реализацијата на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО, што како заеднички предлог на партиите на власт, и претходно ја доби поддршката и од целата опозиција, освен од Демократската партија на Албанците, чиј пратеник Имер Алиу рече дека неговата партија „не може да дозволи ваква патетика и празни зборови поврзани со НАТО-интеграцијата“

Во Предлог-декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, која им беше поднесена на сите парламентарни партии, а која ја презентираше координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, се истакнува дека интеграцијата на Македонија во НАТО е главна политичка определба и цел на сите политички партии, општествени чинители и граѓани, кои со своето делување влијаат врз динамиката и квалитетот на реализацијата на овој процес.

Во донесениот документ се повикува на почитување на принципите на отворени врати на НАТО, се потенцира дека Македонија ги исполни сите критериуми и услови за зачленување во Алијансата, се бара уважување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, и се потврдува дека Македонија останува посветена на континуираните реформи и на поддршката која ја дава во мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата. Во текстот на декларацијата, меѓу другото се вели: „Наша заложба е постојано унапредување на меѓусебната соработка со соседите во функција и во интерес на граѓаните. Со ова реафирмираме дека сме посветени и сериозно заинтересирани за изнаоѓање решение за спорот со името под покровителство на ООН, решение кое нема да биде на штета на никого“.

Иако и опозицијата и претходно ја даде поддршката за декларацијата, на седницата говорниците од нејзините редови го изразија својот скептизцизам и потенцираа дека документот со само симболично, а не и со суштинско значење, е само обид за постигнување на маркетиншки ефект, без поткрепа во реалните активности на власта на овој план. За дел од опозицијата (НДП), декларацијата е само обид за амнестирање на политичката елита на власт, зашто проблемот за интеграцијата на Македонија во НАТО, требало да продолжи преку дијалог со кој ќе се дојдело до решение. Според Тито Петковски од НСДП, предложениот документот не води кон НАТО, но не носи „ниту ќар, ниту зијан“, па сепак, државниот врв има обврска да понуди решение. Според Сафет Бишевац од ПЕИ и СЛ, „ваквите политички декларации не одговараат на реалната ситуација во земјата’, а според пратеникот Алиу од ДПА донесувањето на документот е „празна демагогија“, во обид да се скрие неспособноста на власта за изнаоѓање решение за спорот со името. Социјалдемократот Андреј Петров, кој денес изрази жалење што на седницата не присуствуваат претседателот и премиерот, и со вчерашната поддршка на Предлог-декларацијата, го изнесе ставот на најголемата опозициона партија СДСМ: „Заклучуваме дека власта има план како да ја внесе Македонија во НАТО на претстојниот Самит во Чикаго. Затоа ја поддржуваме декларацијата и очекуваме резултати“.

XS
SM
MD
LG