Линкови за пристапност

Иванов: Во Чикаго да се преиспита одлуката од Букурешт

  • Синиша Станковиќ

Министрите за одбрана на земјите од Јадранската група и американскиот заменик секретар за одбрана, денес во Скопје потпишаа заедничка изјава со која се афирмира политиката на отворени врати на НАТО за земјите од Југоисточна Европа

„За жал, како што и многупати досега е констатирано, формално иако не и суштински, нашата желба е попречена и тоа поради еден апсурден и наметнат спор. Спор во кој се соочуваме со соодветна уцена и ултиматум“, рече меѓу другото, претседателот Ѓорге Иванов на денешното отворање на конференцијата „Заеднички предизвици и здружени решенија“ во Скопје, на која учествуваат министрите за одбрана на Јадранската група и американскиот заменик на секретарoт за одбрана.

Осврнувајќи се на позицијата на Македонија во однос на спорот околу уставното име со Грција и во однос на евроатлантските аспирации на земјата, Иванов беше дециден дека „незадоволството не значи напуштање на партнерството и визијата, напротив, уште сме поохрабрени и силно сме фокусирани на она што е наш дел од обврските“.

Македонскиот претседател ја истакна и важноста на партнерството со САД, кое им помогнало државите во Југоисточна Европа да се посветат на негувањето на добрососедските односи и на регионалната соработка, како и на спроведувањето на демократските реформи, кои ја засилуваат безбедноста и стабилноста и го забрзуваат напредокот во регионот.

Пред присутните министри за одбрана на Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора, американскиот заменик на секретарот за одбрана, Селест Валандер и грчката амбасадорка во Македонија Александра Пападопулу, како и пред претставници од НАТО и од Женевскиот центар за безбедносна политика, дипломати и експерти, претседателот Иванов потенцираше дека Македонија и натаму е целосно посветена на евроатанските интеграции и, повикувајќи се на одлуката на Меѓународниот суд за правда, уште еднаш апелираше - НАТО на самитот во Чикаго да ја разгледа својата својата позиција кон Македонија, односно, да се преиспита заклучокот од Букурешт. „Затоа се надеваме дека нашиот сосед, во духот на вредностите кои ги споделуваат членките на Алијансата, ќе ја почитува Времената спогодба“, рече Иванов.

Министрите за одбрана на земјите од Јадранската група и американскиот заменик на секретарот за одбрана, на конференцијата потпишаа и заедничка изјава со која се афирмира политиката на отворени врати на НАТО за целиот регион и се потенцира дека Алијансата на претстојниот самит треба да испрати јасна порака на охрабрување до сите земјите аспиранти од Југоисточна Европа. Во изјавата се вели и дека во духот на НАТО концептот за „паметна одбрана“, е потребно во регионот да се преземат чекори за реализација на мултинационалниот балкански пристап во воздушната одбрана, и да се организираат заеднички регионални проекти низ формирање регионални медицински сили, мрежно поврзување на регонални тренинг центри и проширување на соработката на полето на природни катастрофи.

XS
SM
MD
LG