Линкови за пристапност

Нереди по протестите во Гостивар

  • Синиша Станковиќ

Протестите во Тетово и во Скопје каде заедно протестираа и Албанци и Македонци, минаа мирно и без инциденти

По завршетокот на официјалниот дел од најавениот протест на градскиот плоштад во Гостивар, по повод инцидентот во кој полицаец по караница за паркинг место, со истрели од службениот пиштол усмрти две лица, дел од учесниците, околу 1.000 лица - главно средношколци, со камења и снежни топки, искршиле прозорци на гостиварскиот суд и излози на десетина дуќани, банки, продавници и угостителски објекти, како и на објектите на ЕВН и на ХЕЦ Маврово. Според СВР Тетово, групата била разбиена и полицијата работи на идентификување на учесниците во нередите, а според дел од медумите во инцидентите биле демолирани и едно полициско и едно цивилно возило.

На официјалниот дел од протестот, учесниците побарале извинување од портпаролот на МВР Иво Котевски, затоа што, според нив, „го правдал убиството“, повикуваале полицијата „да не се става во одбрана на полицаецот“, барале реформи во полицијата и максимална казна за осомничениот полицаец. По повод немилиот настан, гостиварскиот градоначаланик, изјавил дека се работи за „криминален акт како последица на националистичките политики на актуелната власт. И покрај трагедијата, ова не треба да влијае врз меѓуетничките односи, но надлежните институции треба да ја преземат одоговрноста“, рекол Руфи Османи.

Присутните на протестот побарале меѓународниот фактор да изврши притисок врз, како што ја нарекувале, „славомакеоднската Влада“, за таа да „престане со своите националистички проекти кои создаваат меѓуетничка нетрпеливост“. Според ТВ Телма, демонтрантите ги навредувале етничките Македонци нарекувајќи ги „нацисти“ и „Славјани“ и „упатувајќи им смртни закани“, а организаторите на протестот повикувале „во иднина да се спречат вакви инциденти и полицијата да го штити народот, а не да го убива“.

Мирен протест без инциденти, по повод убиствата во Гостивар, во центарот на Скопје денес организираше движењето „Стоп за полициската бруталност“, Учесниците, етнички Македонци и етнички Албанци, со македонско и албанско знаме, побараа од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и портпаролот Котевски и исполнување на нивните познати барања, истакнувани и на протестите по повод убиството на момчето Мартин Нешковски во Скопје: за воведување на редовни психолошки тестови за полицајците и за измени во законските акти „кои ќе овозможат полицијата навистина да биде полиција на граѓаните, а не приватна полиција“.

Протест под мото „Стоп на насилството“ имало и во Тетово, во организација на неколку невладини организации чии членови протестирале против насилството и полициската репресија, со барање во гостиварскиот случај сторителот да биде казнет што побрзо.

Со осуда за убиството на двајцата сограѓани, од вонредна седница излегоа и советниците во Општина Гостивар, кои донесоа одлука на семејствата на убиените да им се додели солидарна финансиска помош.

Во дел од македонските медиуми беше пласирана и веста дека семејството на приитворениот полицаец, против кого полицијата поднесе кривична пријава за двојно убиство, исплашено за безбедноста и во страв од крвната одмазда која се уште функционира во регионот, го напуштило Гостивар. Иако од утринските часови по улиците на Гостивар било забележиво засилено полициско присуство, дел од училиштата не работеле, а општинската администрација не примала странки, како превенција на евентуални инциденти, апели за смирување на тензиите, доаѓаа од сите страни.

Министерката за внатрешни работи Јанкуловска, осудувајќи го трагичниот настан, и изразувајќи сочувство до семејствата на убиените, повика на трпеливост. Таа побара време да се обезбедат искази на сведоците, за да му се овозможи на судот реално да ги проценува околностите во кои се случило кривичното дело.

"Според информациите со кои досега располага МВР, мотивите за немилиот настан што се случи во Гостивар, кога две лица беа убиени, не се поврзани со меѓуетничките односи, односно, станува збор за банална расправија", рече Јанкулоска.

Како вчера американскиот амбасадор Пол Волерс, денес и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет изрази жалење за загубата на човечки животи и побара инцидентот да не се злоупотребува. „Ги повикувам локалните власти, политичките партии и граѓанското општество да не го злоупотребуваат трагичниот инцидент, туку да работат заедно и да придонесат за смирување на тензиите меѓу заедниците“, изјави Брет, истакнувајќи ја важноста на транспаратноста во истрагата.

И албански и македонски невладини организации синоќа и утрово реагираа, повикувајќи на смирување на тензиите и на мирни протести, и барајќи од организаторите на протестите да се избегнат обидите за манипулација и за прераснување на протестите во шовинистички демонтрации кои би ги влошиле фрагилните меѓунационални релации во Македонија.

XS
SM
MD
LG