Линкови за пристапност

Згаснаа 14 животи на „Пругата на смртта“

  • Соња Трајковска

Парче леб на пругата близу Велес

Парче леб на пругата близу Велес

Возот на релација Солун- Белград удрил во група мигранти близу Велес

Сонувале за Европа, а сонот заврши како најлош кошмар. На „Пругата на смртта“, делницата од Велес до Скопје, ноќеска згаснаа уште 14 животи на мигранти на околу 20-годишна возраст, дел од група од педесетина бегалци од Сомалија и Авганистан, коишто минале илјадници километри бегајќи од ужасот на војните во нивните земји, во потрага по безбеден живот. Последниот здив за нив беше изминатата студена ноќ, на пругата меѓу двете железнички станици кај Велес, Пчиња и Рајко Жинзифов. Ги прегази меѓународниот воз Солун- Белград.

Ужас е најсоодветниот опис од самото место: во радиус од 100-тина метри, расфрлани делови од човечки тела, облека, храна, вода којашто мигрантите ја носеле со себе. Од десната страна на пругата се ридести делови, од левата - тесен дел веднаш до шините и дол од околу

два метри што води до Вардар. Дури и спасувачките и медицинските екипи едвај стасале до настраданите. Четворица повредени се пренесени во болница, а осуммина останале на местото на трагедијата, и се претпоставува дека се роднини на загинатите.

Официјалната верзија за трагедијата, којашто е најголема ваква во историјата на земјава, според МВР и Обвинителствотот од Велес е дека „околу 22.30

часот машиновозач од Скопје пријавил дека удрил во поголема група мигранти. Машиновозачот се обидел да ги извести со свирката од возот и да ја запре композицијата. Дел од лицата кои се наоѓале на пругата избегале, додека пак дел од нив останале и поради неможноста на толку кусо растојание возот да сопре, удрил во истите, при што дел од нив се прегазени. На растојание од околу 100 до 150 метри од ударот возот запрел и веќе е онеспособен за натамошно движење поради оштетувањата настанати од несреќата“.

Ова не е прва ваква несреќа во Македонија. Со вчерашните 14 жртви, нивниот број изминативе месеци официјално нарасна на 31.

Според законите, „штом на одредено лице не му се знае идентитетот, тогаш се погребува на местото каде што загинало. Во случајов, 14-те тела ќе бидат погребани во посебна парцела на муслиманските гробишта во Велес“, соопшти јавната обвинителка во Велес, Славица Темелковски.

Пругите се и пријател, и непријател на емигрантите, велат социолозите. Како и течението на реките, тие се ориентација за патот до саканата дестинација. Гладни и изморени, бегалците од Африка и Азија минуваат илјадници километри и многу граници, главно пеш, без лични документи и со малку пари. Рутата што илјадници од нив секојдневно ја минуваат, според невладините организации коишто се занимаваат со овој проблем и ООН, е од Сирија, Пакистан, Нигерија, Авганистан, до Истанбул, што се смета за влезна порта за нивното патување низ Балканот, преку Грција, Македонија и Србија, како транзитни земји, до западноевропските држави. Дел од нашите соговорници, коишто секојдневно патуваат на релација Скопје- Велес и обратно, велат дека сликата на групи од по десетина, дваесет, а некогаш и повеќе луѓе, е секојдневие. Стуткани во јакни и со качулки, некои и со кеси на главата, се движат на ризична оддалеченост од самата пруга и во тунелите. Но, желбата за подобар живот е посилна од стравот за сопствениот живот, па некои од нив се обидуваат и да се качат на возовите во движење и под напон, па често се жртви на струен удар или паѓаат под тркалата на возовите.

Македонија е само транзитна зона за нив. И од оние кои побарале азил, само малкумина добиле - лани биле одобрени само 14. Според МВР, со овој статус државата годишно згрижува околу илјада мажи, жени и цели фамилии со деца. Но, многу често, некои од нив азилот го користат само за да го легализираат престојот во Македонија и да добијат привремена заштита, а во меѓувреме ја користат секоја можност за да го продолжат патот кон ЕУ.

XS
SM
MD
LG