Линкови за пристапност

Вевчанската сатира ги вознемири духовите

  • Соња Трајковска

Вевчанската сатира ги вознемири духовите

Вевчанската сатира ги вознемири духовите

Вевчанци и струшкото муфтиство остануваат секој на својата страна. Единствени се само во осудата на инцидентите кои деновиве ја тресат Струга и струшко, но нив секој си ги толкува на свој начин.

За Вевчанци сатирата со светата исламска книга Куран на Карневалот било во духот на сликата што тие еднаш годишно ја даваат на само ним својствен начин, но никако политички, додека настаните кои уследија, сквернавењето на крстот на црквата во Боровец и погрдните графити во стилот „Смрт за каурите“ што осамнаа на црквата во Октиси се чиста политизација. Од вевчанци нема извинување, а од стушкото муфтиство нема простување се` додека не добијат извинување.

„Апелирам до граѓаните во струшкиот регион со христијанска и исламска вероисповед да ги смират страстите да ги почитуваат учењата во Библијата и Куранот, за да се надминат овие несакани последици“, порача Перо Илиески, градоначалник на Вевчани.

„Ние бараме извинување од градоначалникот на Вевчани нека не се крие, бидејќи добро го пречекавме овде во муфтиството. Ако не се извини ние ќе видиме што понатаму“, вели Ферат Полиси, муфтија ИВЗ Струга.

Како трета страна се појави и струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко. За него тука нема политика, туку навреда на сограѓаните. Тој денеска организираше средба со претставниците на месните заедници во општината за да се смират страстите.

Политика или не, но струшките инциденти влегуваат во Собранието. В среда тие ќе се најдат на дневен ред на Комитетот за меѓуетнички односи.

Политичарите ќе излезат на терен да ја смируваат ситуацијата, а сомневањата се дека локалните моќници подготвувајќи се за локалните избори следната година, собираат политички поени. Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери рече дека инцидентите создаваат лоша клима и ги нарушуваат меѓусебната почит и доверба и побара нивно канализирање преку надлежните институции.

„Како јавен функционер нема да си дозволам политички да ги осудувам, ниту едните, ниту, пак, другите пред да ги истражиме сите настани, бидејќи може да направиме двојна грешка и дополнително да ги иритираме страните. За жал неочекувано и во 2012 година кај нас се` уште се случуваат провокативни настани кои емоционално ги провоцираат граѓаните независно од која страна и да се“, рече вицепремиерот Џафери.

И Исламската верска заедница побара кривична одговорност од оние кои ги повредиле чувствата на муслиманите.

„ИВЗ се чувствува длабоко повредена со понижувањето на Исламската вера на Вевчанскиот карневал како и исмејувањето на Куранот“, пишува во писменото соопштение.

Реагираат и, како што пишува, за премолчувањето од страна на Владата за извикувањето на антиалбански песни во Ниш и Белград.

„Во спротивно ќе сметаме дека и државниот врв е поддржувач на ваквото организирано однесување. Во овој случај ги повикуваме муслиманите да не потпаднат под влијание на поттикнувачите и провокаторите со цел да му наштетат на Исламот, да и наштетат на нашата европска иднина и на мирот во целина. Однесувањето на муслиманите треба да биде воздржано, нашето верување не ни дозволува на оние кој не напаѓаат да им возвратиме со иста мерка“, стои во писменото соопштение на Исламската верска заедница.

XS
SM
MD
LG