Линкови за пристапност

Македонија: Осуден специјалецот Спасов


Македонија: Осуден специјалецот Спасов
Македонија: Осуден специјалецот Спасов

Спасов доби 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски

По неколкумесечно судење, полицискиот специјалец Игор Спасов, осуден е на 14 години затвор за убиството на 22-годишниот Мартин Нешкоски. Иако за време на процесот Спасов негираше дека е сторител на убиството, изрекувањето на речиси максималната казна за ваков вид дело, судијата ја образложи, велејќи дека „судот од невропсихијатриското вештачење утврдил дека Спасов е емоционално несигурен и бегањето на Мартин било само иницијална каписла. Тој не може да поднесе и дозволи некој да му бега и импулсивно реагирал. Бил свесен за постапките. Го тепал момчето кое е и физички помало од него и не се бранело. Го удирал, иако Мартин молел да го остави”.

Бранителот на Спасов Ване Цветанов најави жалба на, според него, превисоката казна. „Вештите лица беа контрадикторни, затоа баравме вештачење за психичката состојба на Спасов, но судот одби. Во однос на барањето Спасов да биде ослободен од чувањето службена тајна, МВР одговори дека судот треба да се обрати и да побара што го интересира, а не да даде дозвола на обвинетиот да зборува. Затоа Спасов и не можеше за некои околности да се произнесе”.

Според братот на убиеното момче, Александар Нешкоски, без оглед на пресудата, семејството ќе продолжи со заложбите за утрдување на одговорноста за убиството на Мартин, и особено за утврдување на командна одговорност во МВР.

„Ова е срам за државата, убиваат деца, а нема командна одговорност. Сите ја знаат правата вистина. Сите докази се уништени, никој се уште не ни ги дал алиштата на Мартин оти на нив има отпечатоци од злосторниците. Зарем јас треба сам да ја барам правдата?“, изјави Александар Нешкоски. Реагираше и мајаката на убиенот која бараше одговор зошто е убиен нејзиниот син.

И по судењето, многу дилеми останаа околу ангажманот на Спасов вечерта на 6 јуни, особено по изјавата на Спасов во завршниот збор на судењето во која тој потенцираше дека не го удрил Мартин во главата, и дека, тој сака да го заштити своето семејство.

Неколку десетици млади лица се собраа во центарот на Скопје на протест против полициската бруталност, на кој носеа со транспаренти и извикуваа “Спасов не е единствен!” Тие поднесоа барање до скопското обвинителство да се продолжи со утврдување на одговорноста за смртта на Нешкоски, за да не се забошоти случајот со пресудата само за Спасов. На местото каде Мартин беше убиен од ќотек, учесниците во протестот му оддадоа почит.

Првостепено осудениот Спасов останува во притвор до правосилноста на пресудата.

XS
SM
MD
LG