Линкови за пристапност

Хаг: Грција ја прекршила спогодбата од 1995-та

  • Соња Трајковска

Хаг: Грција ја прекршила спогодбата од 1995-та

Хаг: Грција ја прекршила спогодбата од 1995-та

Со 15 гласа за и еден против, Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди - Грција со блокирањето на приемот на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година ја прекршила Времената спогодба од 1995 година.

Судот утврди прекршување од страна на тужениот на неговата обврска според членот 11 став 1 од Времената спогодба. Судот смета дека декларацијата дека тужениот ги прекршил своите обврски да не се противи на прием на тужителот во членство во НАТО е издржана. Понатаму, судот не смета дека е потребно да му нареди на тужениот согласно на барањето на тужителот, да се воздржи од било какво однесување во иднина со кое ќе се воздржи од прекршување на членот 11 став 1 и став 2 од Времената спогодба, изјави претседателот на Судот Хисаши Овада.

Судот смета дека не е потребно да и` се наложи на Грција да не го направи истото во иднина, бидејќи самата пресуда тоа го сугерира. Грција во судскиот процес пред Меѓународниот суд кој траеше три години, остана без ниту еден аргумент, бидејќи судот, прво се прогласи за надлежен да одлучува по тужбата од страна на Македонија, и одлучи дека не држат грчките тврдења дека постапката во Букурешт е одговор на користењето на симболите од страна на Скопје, кои и Грција и Македонија ги сметаат за свои.

Денот е историски, победата е голема но не е време за еуфорија не треба да гледаме на Грците како на поразена страна, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски.

„Ова е историски ден. Нема поразени и победени. Оваа пресуда треба да помогне да се зацврсти пријателството меѓу двете земји и да се изнајде решение. Но, пресудата е кристално чиста и таа не докажува само дека Грција ја прекршила Времената спогодба туку и дека Македонија не ја прекршила. Добивме правни аргументи кои ќе ги искористиме во идниот период“, изјави Попоски по соопштувањето на пресудата.

Според долгогодишниот преговарач во спорот за името, сега е амбасадор во Хаг, Никола Димитров, пресудата е важна за и формално да се докаже дека Македонија е таа што била во право сиве овие години.

„Ова е голем ден за Македонија. Побаравме правда и ја добивме“, оцени амбасадорот Димитров.

Во Букурешт изгубивме со аргументот на сила, а овде победивме со силата на аргументот, изјави поранешниот шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски кој исто така беше денеска во Палатата на правдата во Хаг.

Грција во Хаг ја слушна пресудата со малубројна делегација. Меѓу присутните беше портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас. Правниот застапник на грчката страна во процесот Саваидис, по пресудата остана на познатите ставови – дека вината за она што се случува е на страната на Скопје.

Судот го сочинуваат 15 судии од целиот свет, и во него нема судии од Грција и од Македонија. Одлуките на судот би требало да ги почитуваат двете страни, но според меѓународните експерти, судот нема армија која би се борела против нивното непочитување, и се е оставено на свеста и совеста на тужената страна. Првата прилика за тоа Грција ќе ја има веќе в среда во Брисел кога Македонија ќе биде на дневен ред на ЕУ, а потоа и во мај на самитот на НАТО во Чикаго.

XS
SM
MD
LG