Линкови за пристапност

Патарината ја ставале во свој џеб

  • Соња Трајковска

Патарината ја ставале во свој џеб

Патарината ја ставале во свој џеб

Организирани, со специјална опрема за фалсификување, за неполни две години, 92-ца вработени и поранешни вработени на патарините на јавното претпријатие Македонија пат од Табановце до Гевгелија успеале да го олеснат државниот буџет за околу два милиони евра, со прелевање на парите од патарината во своите џебови.

Осумдесет и седум од нив се уапсени изминатата ноќ во големата полициска акција наречена Калдрма. Цел ден еден по еден тие доаѓаат на распит во Кривичниот суд во Скопје, каде поради комплексноста на случајот ги сослушуваат тројца истражни судии.

Организатори на криминалниот синџир биле двајца вработени на раководни функции, кои заработувале од 100 до 500 евра за прикривање на криминалот што го спроведувале инкасаторите.

„Тројца од членовите на групата од кои еден е поранешен вработен во Македонија пат, отпуштен поради користење фалсификувани фискални сметки, биле задолжени за фалсификувањето на фискалните сметки. Користеле оригинална хартија, односно бланко котури од фискалните сметки кои неовластено ги земале од наплатните станици. Фалсификатите ги изработувале со соодветна компјутерска опрема, програма и термални принтери за печатење, изјави денеска на прес конференција Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Акцијата Калдрма траела подолго време и за тоа биле користени посебни истраѓни мерки, снимање и уфрлање на агенти во ланецот. Барањето за спроведување на истрага од страна на обвинителството е напишано на 400 страници.

Калдрма е продолжение на акцијата Змиско око од 2007-та. Пред две години, Апелациониот суд ги укина пресудите поради пропусти и го врати случајот на повторно судење, а 38-те обвинети во случајот добија пресуди и од Судот за човекови права во Стразбур, дека предолго биле држени во притвор. Државата сега им исплаќа по 2.000 евра. Уште 20 други седнаа на обвинителна клупа во втората полициска акција под истото име. Со денешните приведување бројката уапсени во ваквите акции достигна 200. Министерката Јанкуловска најави уште вакви акции.

XS
SM
MD
LG