Линкови за пристапност

Полициски специјалец „Тигар“ со ќотек усмртил 23-годишно момче

  • Синиша Станковиќ

Полициски специјалец „Тигар“ со ќотек усмртил 23-годишно момче

Полициски специјалец „Тигар“ со ќотек усмртил 23-годишно момче

Родителите на убиениот од телевизиски извештаи дознале за смртта на синот, а МВР дури по 40 часови призна дека нејзин припадник го извршил суровото убиство. Стотици млади скопјани ги блокираат улиците во центарот на Скопје барајќи правдина и прекин на полициската бруталност.

Дваесет и тригодишниот Мартин Нешковски од скопската населба Козле е убиен на централниот скопски плоштад Македонија, каде дошол да ја прослави победата на ВМРО-ДПМНЕ. Со официјалната информација се прекинати дводневните шпекулации за идентитетот на жртвата и на починителот на суровиот злостор, кои се ширеа низ скопската чаршија додека официјалните институции молчеа или ја дезинформираа љубопитната јавност, но не престанаа и протестите на стотиците момчиња и девојки, генерациски блиски на убиениот, кои самоорганизрајќи се преку социјалната мрежа Фејсбук, и минатата ноќ и денес бараат крај на полициската бруталност.

Заведени од дезинформациите дека убиец на младичот е припадник на мобилната единица на МВР – „Алфи“, самоорганизираните млади лица покренаа петиција на Фејсбук, за укинување на оваа со години контроверзна единица. И МВР молчеше за настанот, дозволувајќи да биде цитирано како извор на информациите дека „на детето му се слошило и починало на лице место“, иако сведоци за медиумите тврдеа дека виделе припадник на полициските специјалци, облечен во бела маица со тетоважа на раката, како го брка момчето низ градскиот плоштад.

Под притисок на јавноста случајот денес почна да се раветлува. Според извештаи на независните медиуми и агенции обдукцијата покажала дека на момчето му бил скршен носот, а на левата страна од телото имал трагови од удари.

Дури попладнево, медиумите го објавија ставот на МВР дека осомничен како извршител на убиството е Игор Спасов, 33-годишен полицаец, но припадник на полициската единица за специјални задачи „Тигри“, која го обезбедувала плоштадот за време славјето на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Порпаролот на МВР Иво Котевски, изјави дека мотивот за убиството се` уште е непознат, а осомничениот е на распит во полициска станица. Вчера, портпаролот тврдеше дека „таков настан воопшто не е пријавен во МВР“ и им нудеше на медиумите доколку имаат „било какви сознанија и информации ви стоиме на располагање за да го пријавите настанот“.

По големиот притисок на јавноста, блокадите и уличните протести, дури денес, по сите шпекулации дека убиениот е сосема друго младо момче (до кои дојде поради грешката во преознавањето на еден од сведоците на злосторството) или дека жртва, всушност, бил навивач на ирската фудбалска репрезентација кој не заминал од Скопје по саботниот меч, портпаролот Котевски призна дека осомничен за убиството е полицаец. „Во текот на денот, по целосното документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Истиот, заедно со доказниот материјал ќе биде изведен пред надлежен истражен судија“, рече Котевски.

Неофицијално, медиумите објавија дека припадникот на „Тигрите“ се бранел дека не знаел дека го убил момчето, и дека кога разбрал од медиумите, 12 часа по убиството, се пријавил кај својот старешина.

Но, убиството го виделе сведоци. Еден од нив за ТВ А1 изјави: „Гледам само еден дечко како го бркаат и одеднаш падна, се сопна, помеѓу клупа. Му мавна еден бокс, брутално, бокс, нога во глава, го фати за глава и во клупата го удри и пак уште еден бокс. И кога виде дека не мрда, го крена на клупата, почна да се преправа, божем вода дека бара и зема го попрска. Ги викна другите од обезбедувањето, дечкото не даваше сигнали на живот, воопшто немаше“, Сведокот го пријавил убиоството и во полициска станица, но ниту полицијата, ниту медиумите под контрола на Владата вчера не излегоа со информација за злосторството. Ириритани од ваквиот однос, во понеделникот попладне и доцна во ноќта меѓу понеделникот и вторникот, шест часа стотици млади протестираа и парадираа низ скопските улици, извикувајќи: „Убијци, убијци, убијци!“, и носејќи транспаренти „Вистина, а не манипулации“, „Стоп за полициската бруталност!“ и „Полициско беснило!“.

Една од учесниците, активистот за човекови права професорката д-р Мирјана Најчевска, изјави дека се работи за „обид граѓаните да стават крај на самоволието на полицијата. Многу ексцеси досега беа направени, но ова е врвот на нивното самоволие“.

За настанот реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, кој постави прашање дали Македонија е демократска држава или владее полициска диктатура, како и коалицијата „Сите за правично судење“ која испрати барање МВР да си ја работи работата како што треба и детално да ја информира јавноста за немилиот настан.

Реагираше и опозицијата. Јани Макрадули од СДСМ денес порача: „На старо-новиот режим не му беа потребни ни 24 часа за да го покаже своето вистинско лице и намери. Груевски уште еднаш покажа дека не ја научил лекцијата. Неговите изјави дека ќе биде премиер на сите граѓани се обично лицемерие. Едно зборува, друго прави…Господине Груевски, зарем не се чувствувате повикани јавно да соопштите како починало 23 годишното момче во центарот на Скопје, само неколку метри од местото каде вие прославувавте?... Вашите погубни политики го поделија народот и Македонија, како со нож. Крајно време е да се вразумите и да и погледнете во очи на реалноста“, порача Макрадули.

На една од скопските телевизии беше објавен став на граѓанин кои протестираше во центарот на престолнината. „Ова е голема срамота за Македонија. Најмногу ме исплаши што вчера гласав за подобра иднина, а видете што денес се случува. Која држава сме ние? Дали сме воопшто држава? Што сме? Не знам“.

XS
SM
MD
LG