Линкови за пристапност

ОН алармираат за тешките услови во бегалските кампови


Во Табановце во моментот престојуваат 770 лица, а во центарот кај Гевгелија околу 140.

Паралелно со политичката во Македонија тече уште една криза – бегалската. ОН алармираат за тешките услови за живот во двата транзитни центра и во прифатните објекти. Апелираат до надлежните да превземат мерки за овозможување соодветен престој на 1000 лица кои останаа заглавени во земјата по затворањето на западнобалакнската рута.

Дури и во тешка ситуација има детска игра во бегалските центри во Македонија за кои Обединетите нации изразуваат сериозна загриженост поради условите во кои живеат мигрантите „заглавени“ во земјава по затворањето на западнобалканската бегалска рута. Станува збор за допис кој агенциите на Светската организација го упатија до надлежните во земјава. Во него се нотира дека близу 1000 лица, од кои најголемиот дел се во двата транзитни центра – кај Гевгелија и кај Табановце, со месеци живеат во објекти кои не се наменети за подолготраен престој.

„Двата главни центра за сместување се проектирани, изградени и опремени исклучиво како транзитни центри, со можност за згрижување на минувачки посетители до најмногу 24 часа. Тие не се центри за престој. Лицата кои престојуваат во речиси празниот камп во Гевгелија ги користат креветите на спрат во контејнерите, но во Табановце има недостаток од кревети и мнозинството луѓе кои престојуваат таму спијат на клупи, на подот во колективните засолништа, или надвор во шатори. Немаат приватност. Често снемува струја. Греењето кога надвор студи и ладењето кога надвор е топло се несоодветни. Санитарните услови се примитивни“ – се вели во документот на Обединетите нации. За тешката состојба сведочат и дел од бегалците во Табановце.

„Овде ситуацијата е лоша, многумина, особено децата се болни. Побегнавме од војна, таму е многу опасно, неколкупати животите ни беа загрозени. Не верувавме дека вака ќе ни ја затворат границата“- вели бегалец од Авганистан.

„Повеќе од два месеца сум овде со четиричлено семејство. Имаме многу проблеми, ќе се обидеме да издржиме, се надеваме дека еден ден ќе ја отворат границата“ – се жали бегалец исто така од Авганистан.

Во Табановце во моментот престојуваат 770 лица, а во центарот кај Гевгелија околу 140. Две третини од нив, според податоците на УНХЦР, се жени и деца. Поради чувствителноста на ситуацијата Обединетите нации бараат владата да преземе итни мерки за подобрување на условите за живот на „заглавените“ мигранти и да им обезбеди соодветно сместување наменето за подолг престој. Од Светската организација велат дека се свесни за мигранстскиот предизвик со кој се соочува Македонија, но истовремено забележува дека има целосна доверба дека земјата е способна да обезбеди похумани услови за 1.000 бегалци и мигранти кои се на нејзина територија.

XS
SM
MD
LG