Линкови за пристапност

Македонија бара средби на највисоко ниво за да се реши проблемот со името

  • Борјан Јовановски

Нимиц нема нов предлог туку бара да ги слушне ставовите за предлогот изложен во април.

Од Атина медијаторот Нимиц попладнево допатува во Скопје. Првата негова средба беше со шефот на државата Ѓорѓе Иванов.

По средбата денеска,Претседателот Ѓорѓе Иванов кажа дека во духот на добрососедството, грчката страна треба да покаже добра волја со цел создавање на позитивна атмосфера, за придвижување на процесот и надминување на разликата околу името.

„Подготвени сме за средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот, изјави Иванов.

Од своја страна Метју Нимиц, како и секогаш, одбегна подолго да биде изложен на новинарски прашања. Прашан што се разговарало во Атина, Нимиц рече дека му било ставено на знаење какви се нивните ставови.

Има нова влада и нов министер за надворешни работи со кого разговарав. Јас дадов предлог во април и тие ми ги презентираа детално своите мислења. Сега ми е јасно какви се нивните ставови, изјави медијаторот Нимиц.

Од кабинетот на претседателот по средбата соопштија дека Македонија бара во процесот да се почитува пресудата на Меѓународниот суд во Хаг и на Македонија да и` се овозможи членство во НАТО и старт на преговори со ЕУ.

„Република Македонија инсистира на целосно почитување на рамката во која се води процесот, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг“, стои во соопштението од претседателот Иванов.

Инаку како што јавија медиумите во Македонија и Грција, Нимиц нема нов предлог туку бара да ги слушне ставоите за предлогот изложен во април кој го предвидува името Горна Република Македонија како компромисно решение.

Грција како што јавија тамошните медиуми не се согласува географската одредница Горна да стои пред Република туку според нив тоа треба да оди заедно со името Македонија и тоа за севкупна употреба (ерга омнец).

Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос му пренел на Нимиц дека Атина останува подготвена да учествува во преговарачкиот процес со цел изнаоѓање решение кое ќе придонесе за стабилност во регионот и "ќе го отвори патот на Скопје кон евроатлантските интеграции", пишуваат грчките медиуми.

Медијаторот Нимиц утре ќе има средба со премиерот Никола Груевски.
XS
SM
MD
LG