Линкови за пристапност

Сите за локални избори, но парламентарните под прашање

  • Синиша Станковиќ

И опозицијата и власта изразуваат задоволство од договореното под контрола на претставниците на ЕУ

Најголемата опозициона партија СДСМ е задоволна од резултатот на преговорите за надминување на политичката криза која се закануваше да ги блокира на недодредено време евроатлантските процеси на Македонија. Според генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров, по нервозните речиси тричасовни преговори, „крајниот договор беше постигнат на средбата кај претседателот Иванов. Добро е што власта се согласи за договор за датум за предвремени парламентарни избори. Фактички договоривме „датум за датум“, што значи дека ќе учествуваме на локалните избори и не се плашиме од нивниот исход. Договорот за датум за предвремени парламентарни избори треба да биде постигнат до почетокот на септември“, изјави Петров за медиумите.

Спротивен е ставот на премиерот Никола Груевски кој потенцираше дека во договорот постигнат кај претседателот на Македонија за враќање на опозицијата во парламентот и за настап на локалните избори, немало условувања за одржување на предвремени парламентарни избори или за одлужување на локалните.

„Договорено е да има средба по завршување на локалните избори, на која тема ќе бидат внатрешно-политичката состојба и случувањата на 24 декември, но без прејудицирање на времето на следните парламентарни избори“, потенцираше премиерот, според кого, ако се појават шпекулации поинакви од објавените точки, околу кои се согласиле сите учесници на преговорите, тогаш треба да биде јасно дека таквите шпекулации „се дел од нечија дневно-политичка реторика и не се точни“.

Груевски ја отфрли и шпекулација дека претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ќе поднсе оставка на функцијата во прилог на смирување на тензиите.

Од друга страна, поранешните видни членови на СДСМ, кои поради одлуката сепак, да излезат самостојно на избори и да не се повинуваат на генералниот став на партијата за бојкот, беа исклучени од СДСМ, го поздравија решението на своите довчерашни сопартијци и на власта.

На својата фан страна на Фејсбук лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски им се заблагодари на поддржувачите. „Почитувани сопартијци, драги пријатели, на локални избори ќе одиме, предвремени парламентарни избори ќе има.

Денешниот договор, за кој гарантор е Европската унија покажа дека тогаш кога сме доследни и упорни, кога сме цврсти, кога сме заедно, кога сме сплотени, и што е најважно, кога правдата и вистината се на наша страна, се може да се постигне... Почитувани граѓани, ви благодарам на поддршката што ни ја дававте и што ни ја давате. Оваа битка ја почнавме заедно, оваа битка ќе ја продолжиме заедно, се до крај, до конечната победа“

„Ја поздравувам одлуката на лидерите, зашто тоа е најдобар начин да се види кој ја има довербата на граѓаните. Очекувам СДСМ да истакне кандидат за Ресен, зашто јас мојата кандидатура ја поднесов уште во тек на Работното лето на СДСМ, пред да знам дали партијата ќе оди или не на избори. Граѓаните ќе одлучат – јас ќе го прифатам изборен резултат“, изјави во медиумите поранешниот социјалдемократ Димитар Бузлески, кандидат за градоначалник на Ресен.

И актуелниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, чија одлука за самостојна кандидатура, како формален кандидат на Српската напредна странка, неодамна предизвика потрес во СДСМ и негово исклучување од партијата во која беше челник на скопската организација, ја поздрави одлуката на опозицијата да учествува на локалните избори, со став дека е тоа најдобро и за опозицијата и за државата. Тој смета дека евентуалната одлука на СДСМ да кандидира противкандидат во Карпош - не зависи од него.
Според портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ, партијата сигурно ќе има свој кандидат за градоначалничката функција во Карпош, а неофицијално, медиумите шпекулираа со имињата на Радмила Шеќеринска и на Андреј Петров.

Неофицијално, во двата града во кои опозицијата пред одлуката за бојкот очекуваше сигурна победа на локалните избори, во Куманово и во Струмица, одлуката за враќање во изборниот процес е дочекана со одобрување меѓу симпатизерите на СДСМ.
XS
SM
MD
LG