Линкови за пристапност

СДСМ единствен за бојкот, експертите загрижени за иднината

  • Синиша Станковиќ

Вицепремиерот Ставрески изрази жалење за ваквата одлука, а дел од експертите потенцираат дека со продлабочувањето на кризата, Македонија влегува во голем ризик

Откако владеачкото мнозинство во Собранието експресно ги изгласа измените во Изборниот законик со кои се овозможи продолжување на рокот на кандидирање за локалните избори до 3-ти март, на неколкучасовна ноќна седница, ЦО на СДСМ повторно излезе со единствен став за бојкот на локланите избори.

На седницата која според одделни информации завршила по три часот изутрина, дискутирале педесетина членови на Одборот, но на крајот одлуката за „активен бојкот“ на локалните избори е донесена со консензус. Според генералниот секретар на СДСМ. Андреј Петров, за бојкот гласале сите членови на Централниот одбор, „и со тоа најдобро се демантирани шпекулациите дека во партиските редови има неединство“.

Иако во дел од провладините медиуми се шпекулираше струмичкиот градоначалник Зоран Заев, кој според сите анкети би бил речиси сигурен победник на претстојните локални избори во својот град, бил меѓу оној дел од членството кое наводно се залагало за излегување на локалните избори, Петров излезе со тврдење дека 95 отсто од говорниците ја поддржале одлуката да се бојкотираат изборите, како реакција и на „насилничко донесување на измените во Изборниот законик“, и дека меѓу нив бил и Заев.

Самиот Заев денес во изјавата за медиумите беше дециден: „Последно да ми е, не одам сам на локални избори“ Тој потенцираше дека ќе ја почитува одлуката што ја донесе ЦО на СДСМ: „Јас и СДСМ меѓусебно се гордееме на она што сме... Нема да одам сам на локалните избори. Тоа е само желба на ВМРО-ДПМНЕ. Но, можам да им порачам дека никогаш нема да ги направам среќни“.

Петров денес потенцираше дека СДСМ веќе нема да покренува нови иницијативи и дека за бојкотот имаат поддршка од коалициските партнери:
„Тоа што власта смета дека направила некаков компромис со продолжувањето на рокот за пријавување на најдобар начин е демантирано од страна на претставниците на меѓународната заедница кои упатија драматично соопштение“, смета Петров.

Несудениот градоначалнички кандидат на СДСМ за Прилеп, Хари Локвенец, денес изјави дека „бојкотот е изнудена акција од СДСМ“, кој според него, е решителен да оди до крај, „до остварување на врвните приоритети на оваа држава“. Според него, писмото на претставниците на ЕУ, ОБСЕ и САД во Македонија и неговите препораки се насочени кон власта.

Според Весна Бендевска, дебатата на седницата на ЦО била долга, демократска и сериозна, „што се должи на тоа дека ние сме сериозна партија со сериозен капацитет и на сериозните проблеми им приоѓаме со сериозна дебата...“

Вицепремиерот Зоран Ставрески изрази жалење за ваквата одлуката на СДСМ и ја оцени како лоша, но според него, опозицијата сепак, има доволно време да ја смени одлуката: „Верувам дека ќе размислат добро за тоа да донесат праведна одлука и да не се вметнува земјата во непотребна политичка криза, да не се креираат проблеми и да останеме на патот на евроатлантските интеграции, на развој на економијата и да им понудиме на граѓаните програма и проекти врз база на кои ќе имаат можност да донесат соодветна одлука“.

Иако во дел од медиумите се шпекулираше дека во текот на денешниот ден се очекува нова иницијатива за компромисно решение за политичката криза, до тоа не дојде.

Дел од експертите денес во медиумите потенцираа дека со кризата на политичката сцена, Македонија многу ќе загуби во очите на ЕУ и дека Македонија влегува во во голем ризик.

Во сличен тон е и вчерашната изјава на амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет, кој предупреди дека „без разлика колку добро ќе бидат спроведени локалните избори, ако се случи бојкот од опозицијата, изборот на гласачите ќе биде ограничен и компетитивноста на изборите ќе биде под знак прашалник".
Забележливо е отсуството на независните интелектуалци во креирањето на јавното мислење во медиумите. На денешното Годишно собрание на МАНУ, претседателот, академик Владо Камбовски, одговарајќи на прозивките за општествената одговорност на академиците, во време кога државата се наоѓа во криза и пред историски предизвици, потенцираше дека Академијата не сака да се претвори во дневнополитички коментатор на актуелните случувања, а уште помалку да биде арбитер во политичките несогласувања.
XS
SM
MD
LG