Линкови за пристапност

Реакции на прекинувањето на Пописот 2011

  • Синиша Станковиќ

Реакции на прекинувањето на Пописот 2011

Реакции на прекинувањето на Пописот 2011

Оставките на членовите на ДПК и прекинот на пописот попладнево беа повод за бројни реакции, прозивки и жестоко контронтирање меѓу политичките партии од власта и опозицијата. Владиниот претставник Муса Џафери смета дека „не е ништо трагично ако пописот се одложи за шест месеци“.

Иако денес во Македонија е празник и неработен ден, известувањето на Државната пописна комисија дека нејзините членови поднеле оставки, како и дека најголемата статистичка операција, долго очекуваниот и веќе пролонгиран Попис 2011 се прекинува, предизвикаа жестоки реакции во јавноста.

Според опозицискиот СДСМ настанот е невиден срам за државата Македонија. Социјалдемократите бараат владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да понесат одговорност, „затоа што пописот во обид чини 14 милиони евра народни пари, кои заради пазарењата меѓу Никола Груевски и Али Ахмети денеска отидоа во ветер“.

„За само 10 дена од почетокот на пописот се случија досега невидени скандали. Прво, поднесе оставка претседателката на пописната комисија, а денес и целата пописна комисија заедно со новоизбраниот претседател. Образложението за оставките, и на почетокот и сега, е - дека нема основни услови за спроведување на пописот и дека се подготвува пописен фалсификат како политички пазар. Ова е невиден срам и огромен скандал за државата. Предупредивме дека оваа власт не е способна законски да спроведе ниту една статистичка операција како што е пописот“, изјави потпретседателот на СДСМ Ана Павловска - Данева. Таа го повика премиерот Груевски јавно да се прозинесе за три прашања: „Јавно да каже што точно се случува и кои се причините за овој огромен скандал за државата. Второ, прецизно да посочи кој ќе понесе политичка, морална и кривична одговорност за несовесното работење и класичната злоупотреба на народните пари. И трето, конечно да и` одговори на јавноста колку епизоди ќе има политичкиот пазар што го направил со Ахмети“.

На јавната прозивка одговори ВМРО-ДПМНЕ со соопштение според кое, „ако Државната пописна комисија цени дека е подобро да се прекине пописот, отколку да имаме незаконски, нерегуларен и необјективен попис, тогаш ние ги разбираме и ги оправдуваме“. Во својот одговор на обвинувањата на опозицијата, владеачката партија тврди дека нема да дозволи наштетување на високите државни и национални интереси, и нема да дозволи прекршување на законите.

„Тоа е разликата помеѓу нас и СДСМ. Нема сума на средства со кои може да се купи необјективен попис... За разлика од СДСМ кој во 2002 година дозволи нереален и необјективен попис, кога во сред пописен процес беше сменет тогашниот директор на Заводот за статистика, кога тогашниот претседател на Државната пописна комисија ги спореше резултатите и кого огромното мнозинство на граѓаните не доби одговори и не можеше да сфати како Бранко Црвенковски изброја 120.000 граѓани етнички Албанци повеќе од претходно, денес законот мора да се почитува, а кон врвните интереси да се пристапува одговорно“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата на власт смета и дека средствата кои се потрошени се минорни во споредба со можноста да се реализира необјективен попис од кој не би имал корист никој. Недавајќи објаснување за причините за скандалот, ВМРО-ДПМНЕ во соопштението тврди: „СДСМ треба да ги објасни своите штетни постапки од минатото, со кои дозволи нереален и необјективен попис, кој ќе остане запаметен, наместо како статистичка операција, како класичен неодговорен политички дил на Бранко Црвенковски, со кој се обиде да ја компензира својата неспособност и немањето резултати од корист за граѓаните“.

На ваквиот одговор на ВМРО-ДПМНЕ следуваше уште една контрареакција на СДСМ, според која, и самата писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ „е уште една потврда дека Груевски се пазарел со Ахмети“.

„Ова е уште еден евтин обид на Груевски да ги избегне одговорите и да купи време за тоа што точно се случува и кои се причините за овој огромен скандал на државата“, смета СДСМ.

Единствена официјална информација за скандалот од Владата е изјавата на Муса Џафери, според кого, треба прво да заседава Владата, па Собранието да одлучи дали ќе има прекин на пописот. „Утре ќе заседава Владата, a задутре Собранието. Ќе заземе заеднички став за што ќе се случува понатаму со пописот. Не е ништо трагично ако пописот се одложи за шест месеци!“, смета Џафери од владеачката ДУИ.

Опозиционата партија во албанскиот болк, Демократската партија на Албанците за неуспехот на операцијата за попишување на граѓаните ги обвини коалиционите партнери во Владата. Според генералниот секретар на ДПА, Метин Изети, „видливото отсуство на информирање и анимација на населението за пописот, спроведувањето на обуката на попишувачите само на македонски јазик, сериозните конфликти на попишувачките тимови помеѓу Албанците и Македонците, непопишувањето на стотина илјади Албанци со привремена работа во странство, на луѓето кој што немаат државјанство, и на членовите на многу семејства поради банални работи, се дел од причините поради кои пропадна пописот...“.

Според ВМРО-Народна партија, пак, недозволиво е во рок од 15 дена првите луѓе на Државната пописна комисија да даваат оставки, а да не бидат повикани на одговорност. „Доколку имало проблеми, нерегуларности, притисоци и други отворени прашања повлекувањето требаше да го направат многу одамна, а не еден ден пред официјалното започнување на пописот или средината од спроведувањето на пописот т.е. пет дена до завршувањето на пописот. Недозволиво е поединци да си играат со иднината на Македонија, како и со статусот и угледот на нашата држава“, оцени ВМРО-НП.

Иако утре е многу важен ден за политичката ситуација во земјата, поради обелоденувањето на извештајот на ЕК за Македонија, утре допрва ќе се чекаат и вистинската разврска на големиот скандал и одговорите на барањата за поднесување одговорност. Според ТВ Канал 5, која цитира неиименувани владини извори, Владата ќе достави до собранието Предлог донесување закон за прекин на пописот кој потоа ќе биде ставен на дневен ред на Собранието со одлука на претседателот Трајко Вељановски. Според телевизијата, „Во текот на досегашниот попис биле регистрирани низа прекршувања на начинот на регистрирање на населението и ако се дозволело да продолжи вака, на крајот немало да се добие реална бројка на населението, особено на етничките заедници, која би можела да го доведе во прашање процентот на албанско население од 25,2 % колку што беа избројани на минатиот попис“.

XS
SM
MD
LG