Линкови за пристапност

Меѓународните организации реагираат, владата молчи


Меѓународните организации реагираат, владата молчи
Меѓународните организации реагираат, владата молчи

Прозивките на Амнести интернешнал, Европската комисија , ОБСЕ и Фридoм хаус не ја предизвикаа владата на Македонија да се огласи

Ниту една официјална реакција немаше на жестоките обвинувања на Амнести интернешенал, дека „македонските власти мора да престанат со обидите да ја згаснат слободата на изразување“ откако дневните весници Шпиц, Време и Коха е Ре (на албански јазик), беа доведени во ситуација да престанат со печатењето, зашто нивниот сопственик, медиумскиот магнат Велија Рамковски, веќе седум месеци е во притвор, наводно поради неплатени даноци, но судската влсст се` уште не е подготвена да го спроведе судењето.

„Овие затворања, сумите што се бараат, и условите на исплата, се чини, дека се политички мотивирани“, смета директорот на Амнести интернешенал за Европа и Централна Азија, Никола Дакворт, според кого, не се работи за изолиран инцидент, туку за конфронтација на власта со медиумите кои се критични кон Владата, што се повеќе личи на напад со сите средства врз слободата на изразувањето.

Дакворт изјави дека „ЕУ треба да ја потсети македонската Влада дека членството бара од нив строго да ги почитуваат основните човекови права, како што е слободата на изразување. Слободните медиуми се фундаментални за сечие право на слобода на изразување, кое вклучува право на барање, добивање и на давање на информации и на идеи од секаков вид“.

Но и покрај се`, властите останаа неми. Иако и Европската комисија изрази загриженост поради затворањето на Време, Шпиц и Коха е Ре и ситуацијата со ТВ А1, а официјален Брисел го поздрави новинарските протести, власта на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, остана нема на обвинувањата и на препораките. Паралелно со Европската комисија, поради хаосот во медиумската сфера во Македонија регираше и ОБСЕ, која побара од УЈП да покаже максимална транспарентност во пресметувањето на данокот за издавачот на трите дневни весници - Плус продукција, како и да дозволи „разумен план за исплата кој нема да ја загрози работата на медиумот“.

Но, и според најновиот извештај „Нации во транзиција – 2011“ на невладината организација Фридам хаус, која на Македонија и ја намалила оценката на 4,50, ( за разлика од минатиот извештај кога беше 4,25) Македонија бележи благ пад на независноста на медиумите. „Македонија доживеа пад на своите медиуми како резултат на се поголемиот број на тужби за клевети и казни против новинарите. Многу од преставките беа поднесени од политичари, судии, државни функционери или од конкуренти. Покрај тоа, некои од опозициските медиуми беа цел на напади од полицијата, на рации и апсења кон крајот на минатата година, наводно поради финансиски кримнал“, се наведува во извештајот на „Фридам хаус“.

Единственатата реакција на изминатиот „црн петок“ на македонскиот журнализам, кога во еден ден, згаснаа три дневни весници на притоворениот Рамковски и почнаа отпуштањата кај весниците на македонската фирма на германската компанија ВАЦ, Медија принт Македонија, наместо од прозваната власт, дојде од менаџментот на МПМ. Оттаму отпуштија уште тројца новинари на „Утрински весник“ кои претходно се осмелија да го остварат законското право на штрајк и да реагираат на отказните решенија на своите две колешки во кои беа користени формулации - „за подбуцнување“ и за обелоденување на податоци на „непријателска телевизија“, блиски на речникот на комунистичкиот режим од педесеттите годни на минатиот век.

Иако во понеделникот македонските новинари имаа организирани протести во „пет до дванаесет“, против самоволието на сопствениците на медиумите, но и поради непостоењето правила на игра кои им овозможуваат на политичките и на бизнис елитите да ги турнат медиумите и новинарите во недостоиинствена позиција и да го создаваат „медиумскиот мрак и катастрофалната ситуација“ во новинарството, власта остана глува. Лидерката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис апелираше дека се работи за протестен марш „поради колегите кои остануваат без работа, за оние новинари кои беа измамени или принудени да потпишат отказ уште при вработувањето, поради оние кои беа преку ноќ избркани од работа без право да влезат во редакциите, поради оние кои со месеци работат без плата, поради оние на кои не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување, поради обесправените хонорарци..., поради дописниците кои имаат статус на граѓани на втор ред, поради директните уцени и атмосферата на страв...“

Иако македонските новинари против неподносливата атмосфера во медиумската сфера, уште во септември минатата година покренаа симболично востание на скопскиот плоштад, на кое граѓаните на денот на независноста, пишуваа пораки со оценки за независноста на новинарството, работите денес не се ни малку променети, а според бојот на со сила избрканите новинари од медиумите, се и многу полоши. Новинарите кои во септември решија да се кренат на востание револтирани од немоќта на ЗНМ да ги заштити од притисоците, од очајната состојба во која се наоѓа јавниот сервис и од немањето на синдикат кој ќе се грижи за нивните социјални права, тогаш добија и поддршка од Меѓународната и од Европската федерација на новинари.

XS
SM
MD
LG