Линкови за пристапност

Мајкл Клос, канадски уметник со македонско потекло: Охрид е вечна инспирација


Охрид има многу голема историја и е убаво место, вели уметникот Мајкл Клос
Охрид има многу голема историја и е убаво место, вели уметникот Мајкл Клос

Во деведесеттите години од минатиот век, Мајкл и неговата сопруга Менка, во рамките на проектот „Вистината за Македонија“ испратиле стотици писма до повеќе влијателни личности и институции во светот, со кои бараат признавање на државата

Првата изложба во Македонија ја има во 1985 година во Даут-пашиниот амам во Скопје. Една година претходно доаѓа за прв пат во земјава, каде работел на проект поврзан со македонското оро.

Светски познатиот уметник со македонско потекло, Мајкал Клос од Канада, во Охрид тогаш ја запознава и неговата животна сопатничка, Менка. Речиси секоја година доаѓаат во Охрид, за кого вели дека му е негова вечна инспирација.

„Охрид има многу голема историја и е убаво место. Со изложбата во Даут-пашиниот амам почнува процес и сега јас имам околу дваесет и повеќе изложби на тоа ниво во народни галерии во други држави, Виетнам, Романија, Соломонските острови и други“, вели Клос.

Иако до сега одржал повеќе од 140 самостојни изложби, на сите континенти, секое доаѓање во земјава го користи, да презентира дел од своето четиридецениско творештво. Една од најдрагите му е изложбата во Европскиот парламент во Стразбур во 1996-та година, посветена на првиот македонски претседател Киро Глигоров.

„Сите делегации околу четириесет и осум во тоа време, добија книга и печатени слики на платно“, објаснува уметникот.

Каде и да одат велат, ја носат идејата за Македонија. Така било и на почетокот на 90-те години, кога како дел од нивниот проект „Вистината за Македонија“, испратиле стотици писма до повеќе влијателни личности и институции во светот, американскиот Сенат, францускиот парламент, Европскиот парламент.

„Прво почнавме со канадскиот парламент. Мајкал направи мали минијатурни слики и ги пуштивме на сите членови на парламентот во Канада со пропратно писмо. Сакавме да ги известиме дека сме таму, дека постоиме како земја и сакаме да бидеме признаени со нашето име, со нашата култура, со сè што нè карактеризира. Потоа пуштивме доста такви минијатури во ОН на двапати, во американскиот Сенат, од каде изненадно добивме телефонски повик, тогаш Клинтон беше претседател и ни рекоа дека ќе го разгледуваат прашањето и ќе бидат запознаени сите членови“, вели Менка, сопругата на Мајкл Клос.

Преку изложбите имаат за цел, да ја презентираат Македонија.

„Секаде каде ќе одиме тоа ни е целта, бидејќи многу луѓе не се запознаени, иако сме мали има што да понудиме и во културата. И убаво е на тој начин тоа со изложбите да го постигнуваме“, објаснува Менка Клос.

Сега целата лична архива, поврзана со неговото сликарско творештво од пишана документација, видеа, слајдови, каталози е дел од Државниот архив во Охрид, каде се чува и истата секоја година се збогатува.

Во постапка се за формирање и фондација „Мајкл и Менка Клос“ во Охрид. Идејата е сите негови дела да бидат изложени во галерија, а средствата кои ќе се собираат од продажба на слики да бидат наменети за млади лица, кои ќе сакаат да продолжат да се занимаваат со сликарство. Во делата на Клос преовладува апстрактноста, но прикажани се и ликови.

„Има интересна линија која се провлекува низ неговото сликарство. На прв поглед кога ќе се анализира се, тоа се ликови, кои се универзални. Но на многу интересен начин се поврзува со боите, се поврзува во една апстракција, има дел на фопклорот, се пренесува на иконите на сите тие работи но на еден модерен апстрактен начин“, вели Менка Клос.

Мајкл Клос се занимава и со сценографија за филм, театар и телевизија.

XS
SM
MD
LG