Линкови за пристапност

Лустрацијата влезе во најдраматичната фаза

  • Борјан Јовановски

Околу неа се поделија партиите, медиумите...

Процесот на лустрацијата влезе во најдраматичната фаза што внесе нови конфронтации на политичката сцена во Македонија.

По објавувањето на 23 имиња на Интернет-страницата на Комисијата за верификација на фактите, вчера беа најавени уште две, за кои медиумите шпекулираат дека се советници во локалната самоуправа, инаку членови на владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Владата соопшти дека законите мора да се спроведуваат и дека секој функционер за кој ќе биде докажано дека бил соработник на тајните служби, по комплетирањето на постапката ќе биде разрешен од функцијата.

Според законот, лицата кои ќе бидат прогласени за тајни соработници на разузнавачките служби ќе имаат можност да се жалат пред Управниот суд. Доколку Судот одлучи го потврди решението, функционерот има право да се жали пред Врховниот суд, чија пресуда ќе биде конечна.

Со последните две решенија, бројката на лица прогласени за соработници на тајните служби би се зголмила на 25. На Интернет-страницата на Комисијата за верификација на фактите се објавуваат сите досијеа за тоа на кој начин и како овие лица соработувале со тајните служби. Овој метод предизвика несогласувања и судири меѓу членовите на Комисијата.

Членовите предложени од опозицијата сметаат дека на Интернет-страницата биле објавени документи во спротивност со законот, кои го уриваат угледот и безбедносната структура на државата.


„Бараме да се утврди терк, врз основа на кој ќе се објавуваат документите. Нема потреба да се објавуваат сите 200, 300 документи, доволно е решението. Во решението, како што пишува во законот, да се стават оние документи кои ќе бидат доволен доказ, факти за некое лице да биде прогласено за соработник“, вели членот на Комисијата Јанаќе Витановски.

Членовите предложени од опозицијата исто така бараат мораториум за објавување на досиејата.


„Преку 70, 80 отсто од документите не смеат да бидат објавени, тоа се документи од контраразузнавачките служби, соработки со странци, странски служби. Треба да ги прочистиме документите и да ги објавиме оние од кои се гледа дека е соработка од идеолошко-политичка природа“, изјави Чедомир Дамјановски.

Од друга страна, претседателот на Комисијата Томе Аџиев смета дека целата постапка е во согласност со законот.


“Ние не ги измисливме, службите нам ни ги доставија документите. Забрана за објавување на тие документи даваат само органите на државната безбедност“, изјави Аџиев.

Членовите на Комисијата предложени од опозицијата го обвинуваат претседателот дека презема мерки без консултации со останатите членови.

Полемиката што се отвори меѓу членовите на Комисијата се рефлектираше и на политичката сцена. Медиумите, повикувајќи се на извори во опозициониот СДСМ, јавија дека партијата размислува да ги повлече членовите што таа ги предложила. Социјалдемократите не ги демантираа овие информации и коментираа дека ги разгледуваат сите можности.

„Ние јасно и јавно кажавме дека лустрацијата се прави според закон кој што има неуставни елементи, на чело на Комисијата е човек на кого му е истечен мандатот и од тој аспект, како што веќе реков, лустрацијата се претвори во орудие за инквизиција за политичките неистомисленици“, соопшти потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ставот на СДСМ со оценка дека опозиционата партија се става во одбрана на соработниците на тајните служби.

„СДСМ се идентификува со извршителите на кодошењето и вредностите кои тие ги застапуваат, како лажењето, превртливоста и подмолноста. Затоа се става во одбрана на оние кои кодошеле“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Информациите што деновиве ги објави Комисијата за верификација на фактите отвори и дебата и поделби во општеството. Таа тема е водечка за медиумите кои се поделија околу тоа дали овој процес е општествено корисен, или пак станува збор за негова злоупотреба за дневнополитички интереси.

Некои од лицата кои беа опфатени со процесот на лустрација тврдат дека станува збор за манипулација и дека правдата ќе ја бараат пред повисоките судски инстанци.
XS
SM
MD
LG