Линкови за пристапност

Многумина во Лондон се жалат дека бизнисот тргнал во спротивна насока за време на Олимпијадата.

Олимпијадата во Лондон: преполно метро, полупразни трибини, но што е со бизнисот? Некои велат, деновиве е уште полошо од нормално, бидејќи многумина лондонци го напуштиле градот, бегајќи од турканиците за Олимпијадата.

Уличните изведувачи во Градината Ковент и натаму го привлекуваат вниманието на минувачите. Но, забележително е што среде летната туристичка сезона, не врие од луѓе.

Слична атмосфера и на пазарот во непосредна близина.
Сопствениците на тезги мислат дека предупредувањата за сообраќајот и турканиците си го сториле своето.

„Сите мислевме дека ќе има поголема посетеност за време на Олимпијадата. Напротив, има помала. Засега - разочарувачки. Ќе видиме што ќе се случи наредната недела“, вели Гери Холдер, кој тука продава со години.

„Доаѓаат за Олимпијадата, да уживаат во натпреварите, но не и на шопинг во Ковент“, додава Сара Свејнс, која има тезга до него.

Бизнисите што зависат од туризмот се во неочекувана олимписка депресија. Вработените во хотелите, рестораните и продавниците на лондонскиот Вест Енд велат дека продажбата е помала од вообичаеното и значителоно под очекувањата. Здружението на такси-возачи пак, Лондон деновиве го нарекува „град на духови“. Сопствениците на театрите се жалат дека бизнисот е намален за 30%, а неодамна имало и случај кога продале само неколку билети за претстава, иако ги нуделе по половина цена.

Во Градината Ковент, Диего Спано, кој го имитира Чарли Чаплин, навидум со леснотија ги прифаќа животните проблеми, исто како и ликот кој го претставува.

„Ќе продолжам со шоуто. Ги смеам луѓето од цел свет. Некои денови се лоши, некои подобри“, дипломатски коментира Спано.

Властите, пак се` уште се оптимисти дека публицитетот од Олимпијадата ќе и` помогне на економијата на Лондон - долгорочно.
XS
SM
MD
LG